18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова Година: по традиција се троши повеќе од што се има

Нова Година: по традиција се троши повеќе од што се има

ng

Домашна атмосфера, кафеана, дискотека, патување… Ова се најчестите опции за дочек на Нова Година, но дилемите и трошоците не запираат тука – за празниците се троши и повеќе од што се има: за подароци, за украсување, за облека…

Природна или вештачка елка – цените од 1.000 денари па нагоре

Елката е долгорочна инвестиција, но ако ја купувате за прв пат имате два избора, поевтина од Кина и поскапа со друго потекло. Првите чинат до 1000 денари, а вторите и до 200 евра. За тие кои сакаат природна пак најевтини се во јавните претпријатија, чинат 1.100 денари, а саксијата е ваша обврска. Но, новогодишната елка не оди без лампиони. Пластичните се продаваат во сет од по десетици и чинат до 300 денари, стаклените пак се продаваат поединечно по цена од 60 денари па нагоре.

„Најмногу се продаваат пластичните украси, веројатно поради пониската цена. Оние кои се изработени од стакло или од кристал одат многу помалку. Ние имаме и уникатни парчиња кои се рачно изработени и кои чинат од 300 до 600 денари, но тие повеќе се украс за самата продавница отколку што навистина се продаваат“ вели вработена во продавница за подароци која што за празниците е целосно уредена во новогодишно – божикно руво.

Нови трендови – семејни фотографии, ангажирање Дедо Мраз

Но новогодишната шопинг треска не запира тука. Во последно време тренд е семејното фотографирање. Фото сесија чини и над 1.000, во зависност од имиџот на студиото.

„Ние нудиме различни пакети – освен фотографии, изработуваме и честитки и календари со семејниот или со портретот на најмалите… Цените варираат, од 300 денари за наједноставниот портрет, па и над 1.000 за пакетот кој вклучува сет календари, сет честитки. По желба можеме да изработиме и маици и блузи со вашата фотографија“ објаснуваат во едно скопско фото студио.

Празникот толку се комерцијализирал што денес кај нас имате можност да го изнајмите Дедо Мраз не час или повеќе. Дедовците со бели бради се рекламираат и на интернет огласниците – бараат од 1000 до 1300 денари за час.

Македонците сакаат да подаруваат, но продавачите велат дека мажите повеќе изненадуваат од жените. Број еден е парфемот, а потоа некое парче накит или парче облека.

Традиционалното на најмалите освен играчки и други изненадувања им се даруваат и новогодишни пакетчиња. Тие чинат од 150 па до 1.500 денари во зависност од големината, количината на слатки и секако производителот.

Македонците ќе потрошат над 60 милиони евра за празниците

Кога сето ова ќе се собере со доаѓа до вртоглави суми. Македонците за празниците во просек секоја година трошат над 60 милиони евра.

До точни податоци не може да се дојде бидејќи нема прецизни статистички податоци, но повеќе показатели упатуваат на ова – ако секое семејство во просек одвојува по стотина евра, а во земјава има над 500 илјади домаќинства се стигнува до оваа солидна сума. Дополнително, секоја година во декември се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе преку платежните картички од просекот во останатите месеци, а во продавниците околу половина од прометот е на картичка, а половина во кеш.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП