20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолесно и поевтино до кредит – банките најавуваат пад на каматите

Полесно и поевтино до кредит – банките најавуваат пад на каматите

kredit

Помали камати и поголемо кредитирање. Ова го најавуваат деловните банки како реакција на последниот потег на Народната Банка (НБРМ) со кој беше скастрена основната камата за 0.25 процентни поени до ниво 3.75%.

Сепак, сигналите од монетарната власт да се пренесат на банкарскиот сектор ќе биде потребно време – треба да се направат анализи и пресметки пред да се понудат нови производи. Од банките велат дека прво ќе паѓаат стапките на штедните влогови, па дури потоа на кредитите. Сепак, уверуваат дека и досега каматите биле пониски за редовните клиенти со одржливи проекти.

„Конкуренцијата меѓу банките е доста висока. Реално, секогаш кога банките ќе наидат на добри проекти цената се одредува пазарно така што одиме со доста поволни цени на кредитите. Но, ова ќе претставува уште еден позитивен сигнал да можеме да одиме со дополнително намалување на нашите кредитни пласмани“ вели Стевче Кузмановски, директор на бизнис сектор во ПроКредит банка.

Сепак, за да има раздвижување на понудата и побарувачката на кредити потребно е окончување на политичката криза. Банкарите велат дека доколку се биде во ред на политички план тоа ќе има позитивни ефекти и на економски. Голем дел од компаниите досега ги чувале проектите во фиока и чекаа стабилизирање на државата.

„Сигурно дека ова ќе биде позитивен сигнал кој позитивно ќе влијае на самите компании да дојдат кај нас со барања за нови проекти што за жал можам да кажам дека во последниот период недостасуваше, но ова претпоставувам дека ќе биде поттик тоа да се зголеми. Ние како банка ќе излеземе во пресрет и сигурно активно ќе ги финансираме истите“ објаснува Кузмановски.

Народната банка одлучи да ја намали каматата на благајничките записи од 4 на 3.75% бидејќи оценува дека економијата по подолг период почнува да се стабилизира и дека состојбите се враќаат на нивоата од пред 7 месеци кога НБРМ поради политичката криза реши да ја зголеми основната камата на 4%.

„Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, кое во континуитет е присутно во последните 6 месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Во услови на поволни движења на девизниот пазар, НБРМ наведува дека и во текот на декември интервенира со откуп на девизи, 6 месеци последователно“ објаснија од Народната Банка.

Досегашните податоци покажуваат продолжување на растот на штедењето на населението, кој трае во континуитет од јуни наваму. Првичните податоци за ноември покажуваат понатамошен солиден раст на вкупната депозитна база од 4.4% на годишна основа. Се зголемува и кредитирањето, иако послабо од очекувањата за последното тримесечје.

Народната банка во своите последни проекции објавени минатиот месец, очекува раст на кредитирањето за 5.6% и зголемување на депозитите за 2.6% до крајот на годинава.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП