28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews1

Најнови вести од светот 24.04.2013

 

Белград – Каматните стапки на српските државни обврзници паднаа на тримесечен минимум, откако Белград и Приштина постигнаа договор за нормализација на односите. Приходите на српските доларски обврзници кои доспеваат за наплата во септември 2021 година, се намалија за 0,15 процентни поени на 5,08 отсто, што е најниско ниво од 31 јануари. За споредба, приносите на словенечките доларски облигации со рок на доспевање во 2022 година, изнесуваат 5,86 отсто.

 

Брисел – Активноста на приватниот сектор во еврозоната била ослабе во април, во услови на лоша среднорочна прогноза за економиите на 17-те земји кои како валута го користат евро, покажаа податоците во еврозоната. Индексот на менаџерите за набавка, што го пресметува компанијата „Маркит“, овој месец изнесува 36,5 поени, што е многу под границата од 50 поени која го одвојува растот од падот на секторската активност. Април е 19-ти месец по ред во кој анкетата со која се опфатени илјадници компании во ЕУ, покажува дека економската активност слабее.

 

Пекинг – Активноста на кинескиот преработувачки сектор овој месец успори поради слабата странска побарувачка, што ја зголеми загриженоста околу состојбата на кинеското стопанство, покажаа прелиминарните податоци на банката ХСБЦ. Податоците доаѓаат само една недела откако Кина, која е втора по големина економија во светот, соопшти дека стопанскиот раст во првиот квартал успорил во однос на претходните три месеци, поради што ХСБЦ верува дека Пекинг ќе реагира и ќе ја поттикне економската активност. Индексот на менаџери за набавка на Кина овој месец остана непроменет во однос на март 2013 на ниво од 50,5 индексни поени.

 

Париз – Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги поддржа обидите на Јапонија да ја прекине дефлацијата во текот на оваа година, но го повика Токио да направи повеќе за да го намали својот должнички товар. ОЕЦД во својот годишен извештај наведе дека обидите на новата јапонска Влада да направи пресврт со големи стимулативни мерки, е многу охрабрувачки. Меѓутоа, критичарите наведуваат дека политиката на премиерот Шинѕо Абе и Банката на Јапонија може да го надува огромниот јапонски долг, кој веќе е двојно поголем од обемот на јапонската економијата и е највисок меѓу индустриски развиените земји.

 

Париз – Акциите на францускиот гигант за производство на пневматици „Мишелин“, вчера опаднаа за над три отсто на берзата во Париз, откако компанијата соопшти дека во првиот квартал забележала остар пад на приходите. До крајот на тргувањата на париската берза вредноста на акциите на француската фирма се зголеми, но и натаму остана за 2,18 отсто помала во однос на претходниот ден на 58,69 евра. „Мишелин“ наведе дека неговите приходи во првите три месеци од 2013 година опаднале за 8,1 отсто на 4,88 милијарди евра, при што падот во Европа бил уште поголем и изнесувал 11 отсто.

 

Женева – Швајцарскиот производител на луксузна стока „Ричмонт“ оваа година очекува неговиот нето профит да порасне за околу 30 отсто, благодарение најмногу на поволниот девизен курс на франкот, соопшти компанијата. Вториот по големина производител на луксузна стока во светот, во чија сопственост се брендови како „Картие“, „Плаза“, „Јегер Ле Култр“ и „Монблан“, на 16 мај ќе ги објави резултатите од фискалната година која заврши на 31 март. Благодарение на поволниот курс на размена на швајцарскиот франк, компанија наведува дека очекува годишните приходи да пораснат за 14 отсто, а оперативниот профит за 18 отсто.

 

Детроит – Најголемиот американски производител на автомобили „Џенерал Моторс“ (ГМ) планира да го прошири бизнисот во Кина со изградба на четири нови фабрики и отворање на 6.000 работни места во текот на идните три години. Лани ГМ во Кина продаде 2,8 милиони возила, а таа бројка планира во идниот период да ја зголеми на 5 милиони возила годишно. Компанијата ќе ги насочи напорите во секторот за кросовери и луксузни автомобили. Директорот на ГМ во Кина Боб Сошиа најави план во 2015 да се продадат 100.000 возила кадилак, во споредба со 30.000 во 2012 година. Покрај тоа, извозот на автомобили произведени во Кина до наведениот рок се очекува да се зголеми на 300.000 од предвидените 100.000 до 130.000 оваа година.

 

Амстердам – Светски познатата компанија од доменот на навигациски системи и уреди за следење „ТомТом“ соопшти дека во првиот квартал забележала пад на приходите за 13 отсто и најави промена на својата производна линија за да се оддалечи од пазарот заситен со преносни апарати за навигација. Приходите на холандската компанија опаднаа во првите три месеци од оваа година на 202 милиони евра, а групацијата евидентираше нето загуба од 2,3 милиони евра, во однос на 1,5 милиони колку што загуби во периодот лани. „ТомТом“ на европскиот и на американскиот пазар се соочува со тренд на употреба на навигациски апликации на мобилните телефони.

 

Берн – Швајцарската фармацевстка група „Роше“ објави дека во рамки на реорганизацијата на секторот за применета наука, ќе затвори 170 работни места, од кои 110 во Германија и 60 во САД. Оваа реорганизација треба да овозможи подобар одговор на потребите на науката и пазарот, како и на клиничка дијагностика, соопшти компанијата.

 

Брисел – Европската антимонополска управа започна истрага во врска со најавите на грчкиот авиопревозник „Агеан Ерлајнс“ дека планира да ја преземе грчката авионска компанија „Олимпик Ер“. Европската комисија соопшти дека спојувањето на двата најголеми грчки авионски превозници, кои нудат услуги на домашни и на меѓународни линии, предизвикува загриженост дека најавената трансакција може да предизвика зголемување на цените и полоша услуга. Компаниите имаат рок до 3 септември да одговорат на овие забелешки на Европската комисија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП