Шефовите на „Toyota“ размислуваат за трансформирање на филијалата за моторспорт на компанијата, „Gazoo Racing“ во посебна подмарка која ќе создава спортски модели, по примерот на „BMW M“ и „Mercedes-AMG“.
Во моментов експертите од „Gazoo Racing“ работат на две многу важни програми – учеството на „Toyota“ во светскиот шампионат за издржливост (WEC) и „24 часа Ле Ман“ во класата „LMP1“ и враќањето на јапонската марка во светскиот рели шампионат со „Yaris WRC“, но тука водечката улога е на Томи Макинен и неговиот тим во Финска.
Покрај тоа „Gazoo Racing“ веќе создава сериски автомобили кои се помоќни и побрзи од моделите од сериското производство, но тие се нудат само на јапонскиот пазар. Овие модели од ограничени серии ја добиваат ознаката „GRMN“ (Gazoo Racing Masters of Nurburgring) или пак „G Sports“.
Коеј Сага, кој е шеф на „Gazoo Racing“ и делот на „Toyota“ за создавање и развој на мотори, веќе изјави дека има „сериозна намера“ да го прошири присуството на „Gazoo“ на масовниот пазар, при тоа надвор од Европа, за да ја зајакне врската меѓу трките и автомобилите кои ги купуваат клиентите на „Toyota“.
„Во Европа овој предизвик е поголем, бидејќи тука имаме многу повеќе ривали. Секако, не треба да заборавиме и како нашите промени се одразуваат на цените на автомобилите. Но моите напори се насочени таму „Toyota“ да има подмарка која ќе е како „M“-делот на „BMW““, изјави Сага за магазинот „Autocar“.
Последниот модел, доработен од „Gazoo Racing“, е „GT86 GRMN“. Листата со промени ги вклучува зголемувањата на моќноста и вртежниот момент, покрутата суспензија, додавањето на аеродинамични елементи и динамиката на автомобилот. Производствената серија беше од само 100 примероци, кои се распродадоа исклучително брзо.
Сага не сакаше да коментира дали „Gazoo Racing“ има учество во заедничкиот проект на „Toyota“ и „BMW“, од кој ќе се родат новите „Supra“ и „Z5“.