3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија се откажува – нема да формира национален авиопревозник

Македонија се откажува – нема да формира национален авиопревозник

mat

Македонија се откажува од формирањето национален авиопревозник, барем во блиска иднина.

Идејата повторно ќе се разгледува дури по две години за кога се очекува ново истражување на пазарот. Досегашните анализи покажале дека тоа засега е економски неисплатливо – трошоците за купување и изнајмување на авиони би биле превисоки. Дополнително, националниот превозник по закон би имал предност при воспоставувањето на сите конекции од Скопје и од Охрид што би довело и до поскапување на просечните цени на билетите, објаснува првиот човек на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба. Според Горан Јандреоски светските искуства се доказ дека државите се најлошите можни управители со авиокомпаниите.

„Истражувањата на пазарот се одвиваат во две фази. Анализата на консултантите во првата фаза покажа дека нема одржливост за да се формира национална авиокомпанија и затоа не се премина на втората фаза од истражувањата. Инвестициите во авиони и во кадри се многу големи, а се работи и за процес кој е многу долг“ вели Јандреоски.

Дека на голем дел од националните превозници и не им оди баш добро покажува и најновиот потег на АлИталиа – според одредени финансиски извештаи компанијата прави загуба од дури 500.000 евра секој ден. За да се консолидира одлучи да укине повеќе дестинации, меѓу кои и онаа кон Македонија која беше воведена пред две и пол години. Од декември Скопје ја губи директната конекција со Рим. Претходно, цитирајќи ги истите причини – финансиска неисплатливост – линиите од скопскиот аеродром ги укинаа и швајцарската и чешката авио компанија.

Македонија е една од ретките земји во светот кои немаат национален авио превозник (Во светот постојат речиси 150 вакви компании кои најчесто целосно или делумно се во сопственост на државата), дури и помали земји како Црна Гора и Исланд  имаат авиони кои летаат под нивното знаме.

Во последниве две и пол децении се појавија и исчезнаа повеќе авиокомпании кои летаа под македонско знаме.

Пионер беше Палер Македонија кој оперираше од 1991 до 1996. Компанијата на почетокот работеше добро, но по кревањето на санкциите кон тогашниот југословенски превозник ЈАТ загуби голем дел од пазарот што беше и главна причина да ги стопира операциите. За жал најмногу ќе биде запаметена по несреќата која се случи на 5-ти март 1993-та кога се урна еден од нејзините авиони, Fokker F-100, при што загинаа 83 од 97-те патници и членови на екипажот.

Авиоимпекс беше формирана во 1992 и оперираше до 2002 кога ја изгуби дозволата за летање поради финансиски тешкотии, по затворањето на Палер стана и национален превозник. И оваа компанија, за жал, ќе биде запаметена по несреќата која се случи истата 1993-та година, уривањето на Yakovlev Yak-42 во близина на Охрид на 20-ти септември при што загинаа сите 116 патници и членови на екипажот.

МАТ (Македонски авиотранспорт) постоеше од 1994 до 2009 година. Со статусот национален превозник се стекна во 2000 кога почнаа лошите финансиски резултати на Авиоимпекс. И покрај привилегиите и долгогодишната монополска позиција на пазарот и оваа компанија не  успеа да опстои. Со многу контраверзи пред четири години ја загуби дозволата за летање, официјално поради технички недостатоци на авионот и долгови кон македонските воздухопловни власти.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП