21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНагорен тренд на туризмот – најпосетени Охрид и Скопје

Нагорен тренд на туризмот – најпосетени Охрид и Скопје

ohri

Според статистичките податоци, но и според туристичките работници секторот оди во нагорна линија. Најголем дел од гостите доаѓаат организирано преку странските туроператори, а домашните агенции само ги организираат екскурзиите и прошетките.

Продолжува растот на туризмот

Позитивниот тренд во туризмот продолжува. Бројот на гости бил поголем за 6.1%, а на ноќевања за 7% во септември годинава во однос на септември лани. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) растот на домашни туристи изнесува 22.7%, а на странски 0.9%.

Најпосетувани се езерските локации, во септември имале над 34 илјади туристи. Следува Скопје со речиси 26 илјади, па „други места“ со 15 илјади, планински локации со над 5 илјади и бањските локации со над 3 илјади туристи.

Податоците на ДЗС покажуваат дека најмногу се престојува во хотели со 4 ѕвездички (над 31 илјади туристи), следат хотелите со 3 и 5 ѕвездички (по над 16 илјади туристи).

Најголем дел од странските туристи кои ја посетиле Македонија во септември биле од Турција (23.2%), потоа Србија (7.8%), Холандија (7.4%), Бугарија (6.2%), Германија (3.9%).

Странските туроператори носат гости, домашните агенции организираат тури

Според статистичките податоци, но и според туристичките работници секторот оди во нагорна линија. Најголем дел од гостите доаѓаат организирано преку странските туроператори, а домашните агенции само ги организираат екскурзиите и прошетките.

Од домашните туристички агенции кои се вклучени во организирањето на еднодневни и повеќедневни тури низ Македонија велат дека најголем е интересот за Охрид, на второ место е Скопје со околината, а дури потоа останатите делови од земјава.

„Во Охрид најголем интерес има за Свети Наум. Тоа е крстарење со брод, тоа е полудневна тура. Во Скопје најпопуларна е градската тура. Има голем интерес и за посета на манастирите особено во Западна Македонија. Се бара и винската тура. Во помал дел има и од тие што сакаат да искористат од алтернативните понуди – летање со параглајдер, летање со балон, јавање на магаре“ изјави неодамна Сузана Зелениковска – туристичка агенција „Фибула травел“.

Голем дел од странските гости доаѓаат организирано преку меѓународните туроператори. Тие велат дека мигрантската криза и политичката нестабилност имаа влијание на туризмот, но сепак имаат позитивни очекувања.

„Точно е дека резервациите за Македонија имаат мало намалување, но луѓето се менуваат и интересот за дестинациите за кои се интересираат исто така се менува. Македонија е нова дестинација, а светот сепак има една перцепција за дестинациите како позитивни и негативни“ изјави неодамна Жак Креијнен, менаџер во туроператорот ТУИ од Холандија.

Државата ги субвенционира туроператорите

Државата одвојува околу 10 милиони евра секоја година како директна поддршка на странските туроператори кои носат гости во Македонија, а од оваа година имаше и зголемување на поддршката за туристи од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја од 25 на 65 евра по човек.

„Ова е добра можност и за домашните туристички агенции да ги проучат сите овие можности и да ги проучат пазарите во земјите каде што доаѓа до зголемување на субвенциите и да стапат во контакти со партнери од истите овие земји со цел уште во текот на зимските одмори да се обезбедат туристи“ објасни тогаш портпаролот на Владата, Александар Ѓеоргиев.

Македонија дава различна сума субвенции за привлекување на странски туристи и од Белгија, Холандија, Луксембург, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Кина, Индија, САД, Англија, Германија, Катар, Казахстан, Азербејџан и други земји.

Освен преку директната поддршка на туристичките агенции зголемувањето на бројот на странски гости се стимулира и преку нискобуџетните авиолинии кои исто така добиваат милионски државни субвенции.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП