„BMW i3“ ќе добие втора генерација, потврди менаџерот на овој проект во компанијата Хајнрих Швакхофер. Првиот чист електромобил на баварците се појави на крајот на 2013-та и досега има продадено 60.000 примероци – доволно да му донесе профит на концернот, но под очекувањата.
Швакхофер сепак смета дека моделот не може да се дефинира како неуспех. Тој не прецизира кога ќе се појави следната генерација, но очекувањата се тоа да се случи најрано во 2019-та.
Претходно оваа година „i3“ доби некои значајни подобрувања, а меѓу нив се истакнува новата батерија со капацитет од 33 киловат-часови (при досегашните 22 киловат-часови). Тоа овозможи километражата на „i3“ со едно полнење да се зголеми за околу 50 километри до 183 километри.
Другиот претставник на „i“-палетата – „plug-in“ хибридот „i8“ дебитираше во 2014-та и продажбата веќе надминаа 10.000 примероци и покрај неговата висока цена. Од „BMW“ веќе најавија дека во 2018-та ќе се појави и отворена верзија на моделот.
За 2021-ва година се очекува нов предводник на „i“-палетата, кој ќе е целосно електричен и ќе нуди можност за автономно управување.