Оние корисници на „Samsung Galaxy Note 7“ уредите кои не сакаа да ги вратат во замена за пари или друг сличен телефон, наскоро ќе добијат софтверско решение за проблемот кој е откриен на овие производи.
Од „Samsung“ соопштија дека наскоро ќе биде направено софтверско ажурирање со кое ќе се ограничи полнењето на батеријата на „Galaxy Note 7“ на 60 проценти. Исто така, телефонот ќе објавува посебна нотификација секој пат кога корисникот ќе го вклучи уредот на полнач.
Јужнокорејскиот технолошки гигант на почетокот на септември ја стопираше продажбата на тој модел, поради тоа што истрагата покажа дека постои проблем во врската со батеријата која предизвикува искри и палење на телефонот.