3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветски ден на штедењето – просечниот Македонец има 1.646 евра!

Светски ден на штедењето – просечниот Македонец има 1.646 евра!

makedonec

31 октомври е Светски ден на штедењето. Податоците на Народната банка покажуваат дека македонските банки имаат депозити со вкупна вредност од 4 милијарди и 924 милиони евра, а вкупните пласирани кредити достигнуваат 4 милијарди и 473 милиони евра.

Македонецот во просек има заштеда од 1.646 евра!

Македонските банки имаат депозити со вкупна вредност од 4 милијарди и 924 милиони евра. Ова го покажуваат податоците на Народната Банка заклучно со септември. Од почетокот на годината депозитите пораснале 52 милиони евра, пред се поради поголемите заштеди на компаниите.

Кај домаќинствата трендот е обратен. Вкупните заштеди од јануари до септември се намалиле за 34 милиони евра до сума од 3 милијарди и 410 милиони. Ова пред сè се должи на значителното повлекување на депозитите во април и мај поттикнато од шпекулациите за наводна нестабилност на банкарскиот сектор и можна девалвација. Од јуни повторно продолжил растот но не бил доволен да го надомести намалувањето во претходните два месеца.

Граѓаните и натаму имаат голема доверба во банките. Кај нив чуваат 3.4 милијарди евра или во просек секој Македонец има заштеда од 1.646 евра.

Од друга страна вкупните кредити заклучно со септември достигнале 4 милијарди и 473 милиони евра, од почетокот на годината пораснале за 18 милиони евра. Кај домаќинствата растот е фантастични 88 милиони евра, вкупните кредити дадени на граѓаните во септември достигнале 2 милијарди и 57 милиони евра или во просек секој Македонец на банките им должи по 993 евра.

Банкари: секторот е стабилен, парите се сигурни

Банкарскиот сектор во Македонија е стабилен, сигурен и ликвиден, велат менаџерите на деловните банки.

„Штедењето во овој период бележи нагорен тренд. Ако се навратиме на случувањата во април – мај годинава каде поради штепулацијата за наводна девалвација на денарот кога дел од штедачите ги повлекоа своите девизни штедни влогови, во овој период се задоволни од нагорниот тренд на штедењето“ вели претседателот на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија, Коста Митровски.

„Штедењето е клучен столб за стабилноста на финансискиот систем и затоа како Влада првенствено преку задржување висок степен на макроекономска ликвидност и фискална стабилност мора да креираме мерки и политики што ќе придонесат за стабилност на банкарскиот сектор и зголемување на штедењето“ изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.

„Околу една половина од секој кредит, од секое купување на хартии од вредност, од секој пласман во странство, се финансира од заштедите на граѓаните“ вели Милица Арнаудова – Стојановска од Народната банка.

31 октомври – Светски ден на штедењето

Светскиот ден на штедењето е основан на 31-ви октомври 1924-та година во Милано, на првиот Меѓународен конгрес на штедачите.

Банките ширум светот и речиси еден век подоцна, на овој ден ги наградуваат своите штедачи и потсетуваат колку е важна финансиската сигурност.

Претставници на светските штедни институции се состанале на тој ден со надеж дека ќе пронајдат излез од кризата која настанала како последица од Првата светска војна. Тие ја истакнале важноста на штедењето за поединци, но и за развој на целото човештво, важноста во борбата против секој вид на расипништво, како и колку е важна финансиската едукација во училиштата.

Благодарејќи на иницијативата која стартуваше на 31-ви октомври 1924-та беше основан Меѓународниот институт за штедење во кој денеска има преку 940 банки и штедилници ширум светот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП