21 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБуџет 2017 – каматите „ќе изедат“ 133 милиони евра

Буџет 2017 – каматите „ќе изедат“ 133 милиони евра

pari

Македонија доби буџет за 2017-та. Беше изгласан со 72 гласа „за“ и 37 „против“. Никогаш досега не се случило државната каса да биде утврдена уште во октомври. Основните параметри се: раст од 3%, задолжување од 3% и инфлација од 1%. Само за камати е планирано да се потрошат 133.5 милиони евра.

За власта развоен, за опозицијата криминален

Главниот приоритет на овој стратешки документ е поддршка на приватниот сектор, бидејќи тој е клучен за економскиот развој и е единствен кој што може да креира нова вредност, објаснуваше министерот за финансии, Кирил Миноски, пред пратениците.

„Се темели на три основни постулати. Тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок… Очекуваме дека растот на економската активност следната година ќе биде придвижен од извозот на стоки и услуги, за кој проектиравме раст од 6 проценти на реална основа, кој се базира на очекувањата за извозна активност на капацитетите во слободните економски зони. Растот на извозот се очекува да биде придружен со натамошно подобрување на неговата структура“ рече Миноски.

За опозицијата овој буџет бил криминален, а тие кога ќе дошле на власт, како што рекоа, ќе донеле нов.

„Ова што вие сега ни го прочитавте, 10 години ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, допрва народот ќе ги слуша истите приказни дека сме втори, трети во европа по економски раст, по не знам какви други дела. Смачено е, 30 милијарди евра потроши оваа власт во изминатите 10 години буџетски пари и сега вие ни читате капитални инвестиции најголеми во историјата, ни читате пензии плати и не знам што друго“, изјави Горан Сугарески, СДСМ.

За власта овој документ е од исклучителен интерес за сите граѓани и за целокупната економија. Обезбедува стабилност и раст.

„Верувајте дека со ова правиме добар гест за граѓаните… Оваа влада продолжува со трендот за привлекување на странските инвестиции. Продолжува фокусот на намалување на невработеноста, ако продолжи со овој тренд наредната година ќе биде под 20% стапката на невработеност. Се разбира на следните избори доколку победи опозицијата и доколку е подобра во нејзините програми и граѓаните им ја дадат довербата, постојат механизми уште во првата недела овој документ да го изменат“, рече Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Основни параметри – раст од 3%, дефицит од 3%

Проекција за раст од 3%, планирано задолжување од 3% и инфлација од 1%. Ова се основните параметри на буџетот за 2017-та кој е и најголем досега. Државата планира да собере 3 милијарди евра, а да потроши 3.3 милијарди.

Се предвидува зголемување на вработеноста од  1.8%, на просечната нето плата од 1.8%, на приватната потрошувачка од 2.1%, на јавната од 1.3%, на бруто – инвестициите за 4.5%.

Гледано по сектори најголем раст се очекува кај градежништвото, од 5.2%; потоа кај услугите од 2.8%, земјоделството од  2.3%, индустријата од 2%.

„Во 2017 година градежната дејност се очекува да оствари стапка на раст од 5.2% на реална основа, главно како резултат на реализацијата на планираните јавно – финансирани инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните економски зони… Индустриската активност се предвидува да забележи раст од околу 2%, по неповолните движења во претходната година, како последица на неизвесното домашно окружување“, се наведува во буџетот.

Приходната страна на буџетот е потешка за 216.6 милиони евра или за 7.6%. Државата планира да собере повеќе пари во сите ставки: даночни, неданочани, капитални, донации, придонеси.

Вкупните буџетски расходи се проектирани на 3.3 милиони евра. Државата во 2017-та планира да потроши 174.7 милиони евра или 4.5% повеќе пари во однос на 2016-та.

Сите ставки се зголемени. За плати и надоместоци се планирани 435.3 милиони евра (зголемување од 4.2 милиони), за стоки и услуги 318.8 милиони (зголемување за 0.5 милиони), за субвенции 214.1 (зголемување за 16.7 милиони), за капитални инвестиции 438.2 (зголемување од 72 милиони). Речиси половина буџет или 1.5 милијарди евра треба да одат за социјални трансфери во кои влегуваат и дотациите кон Фондот за пензиско, овде има зголемување од 53 милиони евра.

Само за камати ќе се потрошат 133.5 милиони евра.

Буџетскиот дефицит во 2017-та треба да биде 302.5 милиони евра или 3% од Бруто – домашниот производ; во споредба со 2016-та е помал за 42 милиони евра.

„Финансиските средства за проектираниот дефицит за 2017 и отплатата на долговите ќе се обезбедат преку задолжување во странство со издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал, со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност и со повлекување на средства од поволни кредити од меѓународни финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти” – се наведува во буџетот.

Буџетот предвидува капитални инвестиции во вкупен износ од 438 милиони евра. Со тоа во 2017-та тие треба да бидат поголеми за 20% во однос на 2016-та.

Планирани се вложувања во патишта, железници, гасификација, здравствени, образовни и спортски објекти, но и во нови административни згради.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП