
„Audi“ во Мексико ја отвори својата прва фабрика на територијата на Северна Америка. Од производната лента најпрво ќе слезе втората генерација на „SUV“ моделот „Q5“, која светска премиера имаше на авто-саемот во Париз.


„Audi“ во Мексико ја отвори својата прва фабрика на територијата на Северна Америка. Од производната лента најпрво ќе слезе втората генерација на „SUV“ моделот „Q5“, која светска премиера имаше на авто-саемот во Париз.

Дека Мексико стана новата омилена дестинација на светските авто-компании, потврдува и примерот на „Audi“. Овој германски производител е уште еден во низата кој во оваа земја отворил своја фабрика за автомобили.

Погонот кој зазема површина од 400 хектари, е изграден за 3,5 години. Во фабриката засега ќе се изработува новиот „Audi Q5“, a капациетот е 150.000 возила годишно. До крајот на 2016-та година, „Audi“ во Мексико ќе вработи 4.200 луѓе, од кои повеќето ќе работат токму во оваа фабрика.

Новиот „Q5“ беше претставен пред некој ден во Париз. Автомобилот е долг 4,66 метри, широк е 1,89 метри, висок е 1,66 метри, додека меѓуосовинското растојание изнесува 2,82 метри, a од „Audi“ велат дека моделот е за 90 килограми полесен од претходникот.

Зголемен е и капацитетот на багажникот, па корисната зафатнина изнесува 550-610 литри, во зависност од положбата на задните седишта, додека со преклопување на потпирачите се добива багажен простор од 1.550 литри.

Моторизацијата во почетокот ќе опфаќа 2.0-литарски „TFSI“ бензински агрегат со 252 ks (185 kW) и три 2.0-литарски „TDI“ единици со 150 ks (110 kW), 163 ks (120 kW) и 190 ks (140 kW). Во врвот на понудата ќе се наоѓа и 3.0-литарски „V6 TDI“ кој испорачува 286 ks (210 kW) и 620 Nm максимален вртежен момент.
За преност на моќта ќе се користи шестбрзински мануелен или седумстепен „S tronic“ автоматски менувач, додека за најмоќниот дизел мотор е резервиран осумстепен автоматски „tiptronic“.