5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДрва, струја или парно – која опција е најисплатлива за греење?

Дрва, струја или парно – која опција е најисплатлива за греење?

greenje

Грејната сезона официјално почнува за две недели. На што ќе се греете оваа зима, која опција е најисплатлива?

Цените на дрвото засега непроменети

Во ЈП „Македонски шуми“ цените на огревното дрво се исти како лани – 2.370 денари за кубик бука и 2.450 за кубик даб.

Годинава јавното претпријатие не пушти во слободна продажба огревно дрво – тоа значи дека граѓаните кои не склучиле договор со нив до крајот на април нема да можат воопшто да набават огрев оттаму.

Сепак, и оние кои одамна склучиле договор, па дури и платиле се жалат дека се доцни со испораката.

„Нарачав 12 кубици уште во декември, платени ми се уште во јануари, еве веќе заладува, а дрвата се уште ги чекам“ вели жител на Штип.

Од друга страна во приватните складишта е значително поскапо – од 3.000 до 3.600 денари во зависност од типот на дрвото; но во оваа сума влегува и транспорт, а најчесто и цепење.

За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со дрвa. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.

Парното греење значително поевтинето

Парното греење од први август е поевтино. Најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп (БЕГ)“ има пониски цени за 10.93%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 11.59%, а „Скопје Север“ за 4%.

На годишно ниво цената се намалува за околу 2.800 денари за домаќинствата кои живеат во стан од 50 метри квадратни.

Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење.

Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.800 денари или 21.600 денари годишно.

Дополнителна негативна страна е што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома.

Грејната сезона треба да почне на 15 октомври и да трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април.

Оваа привилегија ја имаат само жителите на главниот град. На системот се приклучени околу 50.000 домаќинства. Паушал мора да плаќаат и исклучените.

БЕГ од утре започнува со секојдневни ладни проби на системот.

„Целта е да се подготви и провери целосно системот за претстојната грејна сезона. Доколку се случи пад на температурите грејната сезона може да започне порано од 15 октомври, па проверката ќе овозможи навремено отстранување на сите евентуални пречки што ќе се појават“ информираат од БЕГ.

Според последните податоци за временската прогноза, во текот на следната недела се очекува значаен пад на температурата.

Струјата минимално поевтина

На први јули струјата поевтини за минимални 0.25%. Ако ова се преслика на една просечна сметка од 2.000 денари се доаѓа до заштеда од 5 денари.

Крајната цена изнесува 4,97 денари за kW/h.

Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари.

Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела. Сепак и оние што имаат парно или користат дрва во најстудените денови се догреваат со струја.

Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот октомври – март е за околу 45% поголема од април – септември.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП