Голема катастрофа му се случила на некогашниот интернет гигант „Yahoo“. Деновиве беше откриено дека уште во 2014-та година нивниот систем бил жртва на голем хакерски напад, кој многу веројатно е дека бил спонзориран од некои странски држави. Оваа вест беше и официјално потврдена од страна на компанијата.
„Yahoo“ исто така ја извести заинтересираната јавност и инвеститорите дека во споменатиот напад некој дошол до податоците на нивните корисници и тоа на најмалку 500 милиони. Меѓу украдените податоци се наоѓаат имињата, електронските адреси, броевите на телефони, датумот на раѓање, лозинките, како и криптираните и некриптираните безбедносни прашања и соодветните одговори за половина милијарда луѓе.
Во рацете на напаѓачите не се нашле лозинките без енркипција, како и податоците за кредитните картички и банкарските сметки на корисниците на „Yahoo“. На сите чии податоци биле загрозени, компанијата ќе им испрати известување за тоа, со цел да ги променат своите безбедносни прашања и лозинки.
Доколку се докаже дека бројот на корисници чии податоци се украдени е навистина поголем од половина милијарда, тоа ќе биде најголемата забележана хакерска кражба во историјата – до сега овој неславен рекорд го држеше „MySpace“ на кој му беа украдени околу 427 милиони лозинки.
Сите моментално познати детали за овој случај, „Yahoo“ ги објави на оваа страница. Таму се наоѓа и упатство за корисниците за тоа како треба да се однесуваат и што да сторат доколку откријат дека нивните податоци се наоѓаат меѓу украдените.