На вчерашната седница на Влада донесена е одлука за нов проект за изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас за што ќе следува јавен повик, објави на прес-конференција во саботата владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев рече дека со проектот ќе бидат опфатени сите три региона и дека ќе биде реализиран преку јавно-приватно партнерство за кое во следниов период ќе биде објавен јавен повик.
Досега тимови составени од експерти од оваа област направиле целосна анализа, при што било утврдено дека има потреба од нови пристапи и решенија за достапност на природниот гас до граѓаните, појасни портпаролот на Владата.
„Владата беше посветена на изградба на магистрални гасоводи. Досега е завршен магистралниот гасовод Клечовце – Штип, а започната е изградбата на гасоводот Штип – Неготино. Изградбата на магистралните гасоводи од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар преку Тетово планирано е да започне во периодот што следи“, рече Ѓорѓиев.
Советникот за енергетика, Христијан Мицкоски, кој исто така присуствуваше на конференцијата за новинарите во Владата, појасни дека е донесена одлука за 30 нови постапки, меѓу кои периодот на концесија од 20 е зголемен на 30 години, цената за приклучок е намалена од 100 на 80 евра, при што остатокот го субвенционира Владата, како и дека опфатени ќе бидат сите општини со што природниот гас ќе биде достапен за сите граѓани. Додаде дека е одлучено и за гаранција за поинтензивна динамика.