Технолошкиот гигант „Samsung Electronics“ ја разгледува можноста за повлекување на својот нов предводник „Galaxy Note 7“ во позадина на тврдењата дека дел од телефоните од овој модел се запалиле по проблеми со батеријата, тврди извор на „Ројтерс“.
Изворот, кој побарал анонимност, бидејќи дискусиите за прашањето не се завршени, тврди дека компанијата се уште дискутира детали за во каков период ќе се случи повлекувањето на уредите и колку од нив ќе бидат погодени од оваа мерка.
Од „Samsung“ одбија да го коментираат секој план за повлекување на овој уред, кој е предмет на онлајн поплаки од корисници кои тврдат дека нивните телефони се запалиле додека се полнеле.
Иако аналитичарите очекуваат проблемите со „Note 7“ брзо да бидат решени, тоа може да има негативно влијание врз заздравувањето на мобилниот бизнис на компанијата, по низата од производни успеси кои вратија дел од пазарниот удел на компанијата.
Јужнокорејската компанија ги вперува своите надежи дека „Note 7“ ќе го задржи моментумот и ќе има силна продажба во втората половина од годината, станувајќи силен конкурент на уредот кој се очекува „Apple“ да го претстави во текот на следната недела.
Во средата од „Samsung“ изјавија дека запрела доставата на новиот телефон до трите најголеми јужнокорејски телекоми, како и дека испораките ќе бидат одложени поради дополнителни тестови на квалитетот на производот.
Компанијата не откри какви точно проблеми може да открила во смартфоните кои беа пуштени во Јужна Кореја и други пазари на 19-ти август и беа добро прифатени од критичарите.
Инвеститорите избришаа 7 милијарди долари од пазарната капитализација на „Samsung Electronics“ во одговор на одложувањето на продажбата на „Galaxy Note 7“ во четвртокот, но расположението се подобри од почетокот на денот.