4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИТриглав Осигурување Скопје постигна раст од 13%, споредено со првата половина од...

Триглав Осигурување Скопје постигна раст од 13%, споредено со првата половина од 2015-та година

trigla

Групацијата Триглав во првото полугодие од 2016-та година, во согласност со очекувањата, работеше во тешки услови на пазарот и во опкружување со историски ниски каматни стапки на меѓународните финансиски пазари. Во доменот на основната дејност, осигурувањето, групацијата Триглав постигна добри резултати. На тоа укажува комбинираниот коефициент, како показател  на профитабилноста во работењето во неживотното осигурување, кој што Групацијата го подобри, па на крајот од првите 6 месеци од 2016-та година тој изнесуваше 93,4%. На останатите пазари, сите компании ќерки остварија раст во премија. Триглав Осигурување, Скопје, којшто е дел од групацијата Триглав, во првата половина од 2016-та година постигна премијски раст во висина од 5% и за 0,5 процентни поени го подобри уделот на македонскиот осигурителен пазар (16.9%).

Групацијата Триглав во првото полугодие од 2016-та година обезбеди приближно ист износ на консолидирана бруто полисирана премија од осигурување и соосигурување, споредено со истиот период минатата година (507 милиони евра). Доколку се земе во предвид минатогодишната продажба на компанијата ќерка од Чешка, Групацијата во првата половина оваа година оствари раст од 2%. Премијата од неживотно осигурување, која што има удел од 68% во консолидираната осигурителна премија, има приближна вредност како и минатата година, премијата од животно осигурување покажа пад од 3%, а премијата од здравствено осигурување има раст од 3%. Во Словенија, матичната компанија обезбеди 1% пониска осигурителна премија споредено со истиот период минатата година, додека пак обемот на премија на Триглав, Здравствена заваровалница и Скупна покојнинска дружба се зголеми за 3, т.е. 4%.

Во останатите пет земји од регионот Адриа сите компании ќерки постигнаа раст во премија. Најголем раст од 20% беше реализиран на српскиот пазар, додека пак во Хрватска тој изнесуваше 12%. Во Црна Гора беше остварен раст од 6%, а во Македонија, како што веќе беше наведено, растот изнесува 5%. На пазарот во Босна и Херцеговина сараевската компанија реализира раст од 12%, додека пак компанијата во Бања Лука од 3%. Успехот во работењето во основната дејност во дадениот период го потврдува и подобрувањето на комбинираниот коефициент на Групацијата (93,4%) како и коефициентот на матичната компанија (87,6%).

Споредено со минатогодишното полугодие, Групацијата забележа за еден процент повеќе бруто износ на штети (301,1 милион евра), додека матичното друштво за два проценти (198,1 милион евра). Оваа година работењето на Групацијата го одбележаа неколку масовни штетни настани, меѓу кои најголемите штети беа поради последици од мраз во Словенија и Хрватска.

Со доследно спроведување на мерките на деловната политика, групацијата Триглав првото полугодие го заврши со нето добивка во висина од 34,2 милиони евра (матичното друштво со 29,6 милиони евра) и со бруто деловен резултат во висина од 43,2 милиони евра (матичното друштво со 36,8 милиони евра). На работењето и на деловниот резултат на Групацијата посебно влијание имаа ниските приноси од финансиските вложувања, поради историски ниските каматни стапки на финансиските пазари. Во првото полугодие на 2016 година приносите на Групацијата беа за 39% пониски споредено со истиот период минатата година, додека во матичното друштво беа пониски за 20%.

Заваровалница Триглав оваа година повторно исплати 2,5 евра бруто дивиденда по акција, со што се вбројува меѓу најпрофитабилните акции во однос на дивиденда на Љубљанската берза.

Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави: »Групацијата Триглав во 2016 година, во согласност со стратешките насоки, успешно ја задржува својата финансиска стабилност, високата адекватност на капиталот и профитабилноста од работењето. Тоа ни го потврдуваат и високите оценки на бонитетот дадени од страна на две бонитетни агенции, а првенствено фактот што оваа година дополнително е зголемена оценката од »A-» на »A« од страна на признатата бонитетна агенција S&P Global Ratings. Оваа година работиме во услови на историски ниски па дури и негативни каматни стапки на меѓународните финансиски пазари. Во првото полугодие на нив влијаеа несигурните услови, слабиот раст на стопанството во целиот свет, ниските очекувања во однос на инфлацијата и дополнитената неизвесност поврзана со Брексит. Не очекуваме брзо подобрување на ситуацијата на финансиските пазари, а со тоа и поголеми промени во приносот од нашите финансиски вложувања. Поради тоа, во согласност со стратешките насоки, остануваме фокусирани на секторот осигурување, на кој што во првото полугодие добро работевме. Земајќи ги во предвид приликите во кои што ќе се работи до крајот на годината, цениме дека годишната бруто добивка на Групацијата ќе биде остварена во планираните рамки«.

 

Групацијата Триглав на македонскиот пазар

Триглав Осигурување Скопје во првата половина од 2016-та година повторно ги надмина деловните резултати, работејќи посветено на исполнување на зацртаната стратегија, како во поглед на финансиските резултати, одржувањето на високите стандарди во начинот на работење, така и во поглед на развојот на осигурителниот пазар во земјата, со воведување нови, иновативни производи.

Во дадениот период компанијата реализира бруто полисирана премија во износ од 708.715.231 денар (11,5 милиони евра), со што оствари раст од скоро 5% во споредба со истиот период минатата година. Во поглед на нето заработена премија, компанијата постигна раст од 13%, споредено со првата половина од 2015-та година. Триглав Осигурување оствари одлични резултати во стратешки важниот сегмент на доброволно приватно здравствено осигурување, а исто така и во сегментот на автомобилските осигурувања. Најдобар индикатор за доброто работење на компанијата е подобрувањето на комбинираниот коефициент, како показател на профитабилноста во работењето во основната дејност, кој што покажа пад од повеќе од 10 процентни поени, споредено со истиот период минатата година (93,9%). Коефициент под 100% е показател за позитивно работење во доменот на неживотно осигурување.

Фокусот на клиентите и нивното задоволство и лојалност се основните предуслови за резултатите кои што Триглав ги остварува на македонскиот пазар, изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на компанијата, г. Ѓорѓе Војновиќ. Тие се нашата мотивација и нивното задоволство е наша цел, која што ја реализираме со обезбедување на професионална услуга, како и со понуда на квалитетни производи. Во првата половина од оваа година воведовме важни новини на пазарот, како што е Триглав автомобилска асистенција и осигурување на операции, во доменот на доброволното приватно здравствено осигурување. На пазарот и на клиентите им понудивме додадена вредност и ја потврдивме определбата да работиме на развојот на осигурителната индустрија. Сето ова резултираше со ново признание, кога втор пат по ред го добивме Qudal, медалот за најдобар квалитет во доменот на осигурување на македонскиот пазар, додаде г. Војновиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП