Рускиот претседател Владимир Путин и британската премиерка Терза Меј разговарале телефонски во вторникот и договориле состанок „во скора иднина“ за да се обидат да ги подобрат слабите врски меѓу Москва и Лондон, соопшти Кремљ.
Путин и Меј би требало да учествуваат на собирот на челниците на земјите од групата Г20 во Кина следниот месец, што им овозможува да се сретнат, првпат откако Меј стана претседателка на британската влада во јули.
Односите меѓу Русија и Британија се заладени поради разликите околу Украина и Сирија, а Лондон тврди и дека има зголемен број летови на руските стратешки бомбардери во близина на британскиот воздушен простор.
Кремљ во средата соопшти дека Путин и Меј договориле дека ќе се обидат да осигурат добра комуникација на разузнавачките служби на двете земји за да се подобри воздушната безбедноста, што според оцената на Reuters e јасна алузија на руските воени летови.
Двајцата челници изразиле незадоволство од моменталната состојба на руско-британските односи, соопшти Кремљ, додавајќи дека телефонскиот разговор бил на британска иницијатива.
Портпаролката на Тереза Меј изјави дека двајцата се согласиле дека британските и руските државјани се соочуваат со заедничка закана од тероризмот, како и дека соработката во доменот на воздушната безбедноста е клучен дел од меѓународните намери во борбата против тероризмот.
„Тие се радуваат на средбата на Г20 самитот во Кина следниот месец“, изјави британската потрпаролка во писмената изјава.