„Audi“ спроведува нова серија тестови на следната генерација „A7 Sportback“. Предвидено е моделот да дебитира пред публиката на крајот на 2017-та или најдоцна во почетокот на 2018-та година.
Според изданието „Autonews“ возилото нема да се нуди со „V8“ мотори, а најмоќната верзија ќе се потпира на 6-цилиндричен агрегат со 2 турбини.
Такво нешто навести пред извесно време главниот дизајнер на брендот Марк Лихте. Тој беше категоричен дека новото „Audi A7 Sportback“ ќе биде „најрадикалниот“ од трите модели, изградени врз основата на концептот „Prologue“ (на фотографијата). Другите два се следните генерации на „А8“ и „А6“, но токму „A7 Sportback“ ќе ја покаже сериската верзија на „Prologue“.
И трите нови модели ќе бидат изградени на платформата „MLB“. Тоа ќе му овозможи на новиот „Audi A7 Sportback“ да „ослабе“ со околу 100 килограми во споредба со сегашниот модел. Основната верзија ќе се потпираат на 2,0-литарски бензински и дизел мотори, а топ-варијантата ќе добие дизел „V6“ со 2 турбини. Неговата моќ може да достигне до 600 КС, а тоа ќе му овозможи да го замени „V8“ агрегатот.
За сметка на 8-цилиндричните мотори, во „Audi“ имаат намера да инвестираат во неколку хибридни модификации на новиот „A7“. Една од нив ќе располага со 450 КС. Покрај тоа, возилото ќе добие голем број на технологии, меѓу кои ќе бидат и некои системи кои поддржуваат автономно движење. Една од нив ќе овозможува паркирање на возилото со помош на смартфон.