4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Остварувањата во економијата послаби од очекувањата

НБРМ: Остварувањата во економијата послаби од очекувањата

oi

На 8 август 2016 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценета соодветна монетарната поставеност, при што Комитетот за оперативна монетарна политика одлучи на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво од 22.000 милиони денари, со непроменета каматна стапка од 4%.

Во последниот период се присутни знаци на стабилизирање на очекувањата, видливи преку отсуството на притисоци на девизниот пазар и интервенции на НБРМ со откуп на девизи, како и раст во штедењето на населението во банкарскиот систем, при што последните податоци покажуваат зголемување на склоноста за штедење во домашна валута. Се оценува дека солидноста на  економските фундаменти останува позитивна.

Расположливите високофреквентни податоци за економската активност за вториот квартал од годината навестуваат продолжување на економскиот раст, но со забавена динамика во однос на првото тримесечје.

Остварувањата во економијата од почетокот на годината досега се послаби од очекувањата, што заедно со ризиците од надворешното окружување и домашните политички случувања, упатуваат на надолни ризици за проекцијата на БДП за 2016 година.

Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени и натаму е во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст. Инфлациските остварувања засега упатуваат на пониска инфлација од проектираната, а ризиците околу проекцијата до крајот на годината и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната.

Во јули, на девизниот пазар, во услови на сезонски раст на понудата на девизи од менувачи и истовремен пад на побарувачката на девизи од фирмите, банките на нето-основа остварија откуп на девизи во трансакциите со клиенти. Во трансакциите со физички лица, движењата, со натамошно намалување на побарувачката и истовремен раст на понудата на девизи, што придонесе банките да остварат релативно висок нето-откуп со овие клиенти. Поволните движења во трансакциите со клиенти придонесоа за подобрување на девизната ликвидност на банките, што доведе до зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар. Во такви околности, од 25 јули Народната банка секојдневно интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи, при што заклучно со 8 август се откупени вкупно 48,3 милиони евра. Интервенциите на Народната банка на девизниот пазар придонесоа за подобрување на денарската ликвидност на банкарскиот систем. Во такви околности и во насока на ефикасно управување со ликвидноста, банките ги зголемија пласманите во расположливи депозити кај Народната банка

Најновите податоци за девизните резерви за јули, покажуваат висок раст на девизните резерви, при што главен фактор за растот во овој период се трансакциите за сметка на државата, заради издадената евро-обврзница, а во помал дел и девизните депозити на домашните банки кај НБРМ, како и интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, коишто во текот на јули беа во насока на нето-откуп на девизи. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие во континуитет се движат во сигурната зона.

Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци покажуваат дефицит во тековната сметка, нешто поголем од очекуваниот и финансиски текови во согласност со очекувањата. Притоа битно е да се нагласи дека движењата на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, се поволни, при раст на нето-откупот на девизи во текот на јуни и јули. Воедно, досегашните остварувања кај директните инвестиции се солидни и подобри од очекуваните.

Сигнали за видливо стабилизирање на очекувањата на економските субјекти се забележуваат и преку промените кај депозитната база на банките. Јунските податоци за депозитите покажаа значително забавување на падот на вкупниот депозитен потенцијал, при истовремен благ раст на штедењето на населението. Прелиминарните податоци за јули упатуваат на повисоко ниво на вкупната депозитна база, споредено со претходниот месец, во целост како резултат на солидниот раст на депозитите на населението.

Притоа, во овој месец присутна е поголема склоност на населението за штедење во денари, наспроти располагањето со странска валута. Ваквото однесување покажува значително подобрување на перцепциите на субјектите, а делумно може да е реакција на поместувањата во каматната политика на банките. Имено, во јуни за првпат по подолг временски период, се забележува проширување на распонот помеѓу каматата на депозитите на населението во денари и депозитите во девизи, што е конзистентно на досега преземените монетарни мерки. Во однос на проекциите, нивото на депозитите во јули е пониско од проектираното.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за јули покажуваат мало намалување на новите кредитни текови, при пад на кредитите на корпоративниот сектор и натамошно  зголемување на кредитирањето на населението. Ова приспособување во кредитирањето, следува по солидниот раст на вкупните кредити на приватниот сектор во јуни (со исклучување на ефектот од регулаторните промени[1]) и не е невообичаено за овој период од годината. Резултатите од последната Анкета за кредитната активност за вториот квартал упатуваат на натамошно олеснување на вкупните кредитни услови и кај двата сектора, при умерено нето-намалување на побарувачката на корпоративни и станбени кредити. Кредитната активност засега е во склад на проекцијата, но со оглед на послабите остварувања кај депозитниот потенцијал и присутната неизвесност, постојат ризици околу динамиката на кредитната активност во следниот период.

На меѓународните финансиски пазари, по првичната реакција од донесената одлука за излез на Обединето Кралство од ЕУ, движењата постепено се стабилизираа. Индикаторите за деловните очекувања упатуваат на ограничени ефекти на краток рок од Брегзит врз економската активност во евро-зоната, којашто во вториот квартал умерено забави во однос на претходниот квартал. Објавените стрес-тестови на европскиот банкарски систем покажаа солидна капитализираност на банките, што создава простор за натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор во следниот период. Во САД, позитивните движења на пазарот на труд продолжија и во јули, но американската економија регистрира послаб раст во однос на очекувањата за вториот квартал, што услови намалени пазарни очекувања за раст на каматните стапки до крајот на годината.

Економските и финансиските услови, како и оцената на присутните ризици покажуваат дека постојната монетарна поставеност е соодветна. По преземените мерки од страна на НБРМ на почетокот на мај, последните податоци покажуваат значително стабилизирање на движењата, коешто се очекува да продолжи и  во наредниот период. Сепак, неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното окружување е сѐ уште присутна и дополнително нагласена по гласањето на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на монетарните цели.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП