4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИCaterpillar ја намали годишната прогноза

Caterpillar ја намали годишната прогноза

caterpilar 3353

„Caterpillar“, најголемиот производител на машини за градежниот и рударскиот сектор, ги чувствува турбуленциите на глобалната економија.

Поради слабата побарувачка американскиот концерн ја стеснува својата финансиска прогноза за тековната фискална година, пренесува „Ројтерс“. Сега производителот очекува приходи во опсег помеѓу 40 и 40,5 милијарди долари наместо досегашната прогноза за приходи од 40 до 42 милијарди долари.

Профитот ќе биде во висина од 2,75 долари за акција, наместо досега предвидените 3,00 долари.

„И покрај солидното второ тримесечје ние сме претпазливи за второто полугодие“, појаснува извршниот директор Даг Оберхелман.

Во второто фискално тримесечје профитот паѓа од 802 милиони долари до едвај 550 милиони долари. Добивката по акција изнесува 0,93 долари, а ако не се земат во предвид трошоците за реструктуирање, добивката би била од 1,09 долари по акција. Пред една година таа изнесувала 1,40 долари. Приходите паѓаат од 12,3 милијарди до 10,3 милијарди долари.

Аналитичарите очекуваа нето профит од 0,96 долари и приходи од 10,11 милијарди долари, се вели во анкетата на „Thomson Reuters“.

Производителите на машини се погодени од забавувањето на економијата во Кина, што доведува до потреси за најголемите рударски компании во светот. Додека цените на суровините се намалија до најниските нивоа од речиси седум години, рударските компании од Австралија до Бразил ги намалуваат трошоците, за да го намалат долгот, и се обидуваат да ја задржат својата профитабилност.

„Caterpillar“, позната по карактеристичните жолти машини, одговори на падот со намалување на оперативните трошоци. Според компанијата трошоците за реструктуирање ќе изнесуваат 700 милиони долари наместо досегашните очекувања за 550 милиони долари.

Пред околу пет години, „Caterpillar“ плати 7,5 милијарди долари за стекнување на „Bucyrus International Inc.“, која е најголемата зделка во историјата на компанијата, и за проширување на предложената рударска техника. Оттогаш забавувањето на кинеската економија, најголемиот потрошувач на суровини во светот, доведе до пад на цените на јагленот и металите, што нанесе сериозни штети на рударските клиенти на „Caterpillar“. Американската компанија продава техника и на енергетската индустрија, која, пак, е силно погодена од ниските цени на нафтата.

Акциите на „Caterpillar“, кои од почетокот на годината до понеделникот забележаа раст од 16%, поевтинија за 1,2% во претходната сесија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП