Веќе подолго време е познато дека во „Audi“ се подготвува уште еден голем „SUV“ модел, и тоа „Q8“ кој во продажба може да се очекува во текот на 2018-та година.
Според сегашните информации, „Q8“ ќе се базира на истата платформа како и актуелниот „Q7“. Toа значи дека ќе има исто меѓуосовинско растојание, но „Q8“ ќе има пократок заден дел, а ќе биде и 70 мм понизок. Исто така, „Q8“ ќе се нуди само во верзии со пет седишта.
Шефот за дизајн на „Audi“, Марк Лихте наведува дека во компанијата нема да подлегнат на искушенијата и на овој модел да му подарат заден дел во стилот на некое купе, што значи дека ќе има доволно место за главата на патниците.
Во „Audi“ имаат големи очекувања од „Q8“, што го потврди и шефот на компанијата Руперт Штадлер кој вели дека „Q8“ и новиот „A8“ ќе бидат нивните луксузни предводници.
„Q8“ ќе ја добие технологијата на „Audi“ за автономно возење и најновите мотори, при што во гамата меѓу останатото ќе се најдат и мотори со електричен компресор (како кај „Audi SQ7“) и хибридни верзии.