10 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустрија: раст на производството и прометот, намалување на бројот на компании

Индустрија: раст на производството и прометот, намалување на бројот на компании

industrija

Прометот во индустријата бил поголем за 13.2% во мај 2016-та во однос на мај 2015-та, но останал на истото ниво во однос на претходниот месец, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во споредба со лани прометот на домашниот пазар бил помал за 1.1%, но на странските бил поголем за 17.6%.

Гледано по сектори во мај 2016-та во однос на мај 2015-та рударството и вадењето камен има пад од фантастични 46.3%, а преработувачката индустрија, која опфаќа и многу поголем обем од вкупните активности, имала раст од 15.7%.

Во мај од вкупниот промет 20.3% се оствариле на домашниот пазар, а останатите 79.7% на странските.

Според групите на производи најголем удел отпаѓа на капиталните добра (40.9%), а потоа на интермедијарните (34.4%), нетрајните за широка потрошувачка (23.5%) и трајните за широка потрошувачка (1.1%).

Индустриското производство, пак, во мај 2016-та во однос на мај 2015-та било поголемо за 5.3% со што продолжи трендот на раст кој трае подолго од една година.

Во однос на цените на производите на годишно ниво има намалување, а на месечно има зголемување. Во мај 2016-та во однос на мај 2015-та биле пониски за 3.2%, а во однос на претходниот месец  биле повисоки за 1%.

За една година и бројот на вработени во секторот бил поголем за 0.4%.

Менаџерите на капацитетите од преработувачката индустрија се оптимисти – индикаторот на доверба е поголем за 5.6% во мај 2016-та во однос на мај 2015-та и за 0.8% во однос на претходниот месец.

Во анкетата што ја спроведува ДЗСД раководителите се изјасниле дека економската состојба е многу поповолна во однос на лани и дека очекуваат зголемување на бројот на вработени во наредниот период.

Просечната искористеност на индустриските капацитети во јуни биле 64.6%.

Долгорочни трендови – за три години згаснале 242 индустриски капацитети

Од друга страна долгорочните трендови на секторот индустрија покажуваат контрадикторни тенденции – во периодот од почетокот на 2013-та до крајот на 2015-та се намалил бројот на активни компании, се скастрила потрошувачката на енергија, а се зголемил бројот на вработени и обемот на производство.

Според последната публикација на ДЗС во 2013-та во секторот имало вкупно 8.214 деловни субјекти, во 2014-та 8.006, а во 2015-та 7.972.

Кај рударството и вадењето камен има годишни флуктуации – од 164 компании пред три години, на 180 пред две, па на 173 пред една година.

Кај снабдувањето со електрична енергија и гас бројот на фирми има континуиран раст – 132 пред три години, 152 пред две, 160 пред една година.

Од друга страна преработувачката индустрија е со се помал број на деловни субјекти – 7.918 пред три години, 7.675 пред две, 7.639 пред една година.

Најмногу компании загаснале во потсекторите: производство на облека (намалување на нивниот број за 109 за три години), производство на кожа (намалување на нивниот број за 44 за три години), печатарство (намалување на нивниот број за 37 за три години), производство на електрична опрема (намалување на нивниот број за 24 за три години).

Во истиот период во потсекторите производство на храна, на неметални производи и останата производствена индустрија има зголемување за по десетина деловни субјекти.

Анализите на статистичарите покажуваат и дека од година во година индустријата користи се помалку енергија. Во 2012-та вкупната финална потрошувачка била 580.214.000 toe, а во 2014-та 515.193.000 toe.

Потрошувачката на електрична енергија е речиси непроменета, на јаглен и на нафта постојано опаѓа, а на природен гас и на биомаса има благ пораст.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП