Рекордни 2,14 милиони луѓе се доселиле во Германија минатата 2015 година, што претставува раст од 46 отсто во однос на претходната 2014 година, објави германското Сојузно биро за статистика во четвртокот.
Од 2,14 милиони доселеници во Германија минатата година, 45 отсто отпаѓаат на жителите на другите земји од Европската унија, 13 отсто од европските држави нечленки на ЕУ, 30 отсто од Азија, повеќето од Сирија, Авганистан и Ирак, а 5 отсто се од Африка.
Министерството за внатрешни работи претходно годинава објави дека лани во Германија влегле 1,1 милиони луѓе кои бараат азил. Меѓутоа, бројот на оние кои официјално го побарале е многу помал, само 476,649 лица. Причината за тоа е оптоварувањето на бирото за примање барања за азил.
Минатата година Германија ја напуштиле 998.000 луѓе, што претставува раст од 9 отсто во однос на 2014 година, поради што разликата меѓу имиграцијата и емиграцијата изнесува околу 1,14 милиони, што исто така претставува рекордна бројка.