17 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОРакометарите се пласираа на мундијалот во Франција

Ракометарите се пласираа на мундијалот во Франција

rak-mund

Македонската ракометна селекција во средата вечерта во спортскиот центар „Борис Трајковски“ со мотивирана и супериорна игра успеа да го надомести заостанувањето од минатата седмица од Злин кога беше поразена од Чешка со 22-28, и со 34-27 се пласираше на Светското првенство кое ќе се игра во Франција во јануари следната година, обезбедувајќи го во континуитет шестиот настап на големите глобални и континентални турнири.

За подвигот по бледото издание во Злин бездруго придонесе и присуството на Наумче Мојсоски и Филип Миркуловски, кои последен пат настапија во репрезентативниот дрес.

Натпреварот започна со очигледна решеност на македонските ракометари да се вложат целосно во остварувањето на задачата, што веќе во шестата минута донесе позначајна предност од 4-1, а потоа со серија од 7-0 пред истекот на една третина од мечот веќе ја анулираа предноста на Чешка од Злин (13-5). Предноста продолжи да се зголемува и на полувремето изнесуваше солидни осум голови (19-11).

Македонските ракометари во ист стил го започнаа и второто полувреме и веќе во 36 минута создадоа десет голови разлика (23-13), а во 44 минута по трите обида беше остварена максималната позитива од единаесет голови (26-15).

Потоа следеше моментот на кој домашната публика е веќе навикната и неминовниот пад во темпото на македонските ракометари, што им овозможи на чешките со серија од 3-0 во 48 минута, да намалат на 27-19.

Во продолжение разликата постојано се движеше меѓу осум и девет голови, а на минута и половина до крајот Чесите намалија и на седум разлика. Сепак, искуството и присебноста на Лазаров и Мојсоски придонесоа да се одржи оваа потребна предност за пат во Франција.

Манасков беше најефикасен со 11 голови, осум постигна Кирил Лазаров, од кои шест во второто полувреме, а Миркуловски се прости од националниот дрес со стоотстотен учинок „шест од шест“. Прибак и Мојсоски додадоа по три погодоци, два имаше Георгиевски, а еден Стоилов. Борко Ристовски заврши со седум одбрани.

Кај Чешка повторно одличен на голот беше Мартин Галија со 11 одбрани, од кои три пенала, а прв стрелец беше Здрахала со шест голови.

Светското првенство во Франција ќе се одржи од 11 до 29 јануари вгодина, а ќе биде петто за Македонија, вкупно деветти настап на големите собири и шести во континуитет од 2012 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП