3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

Најнови вести од светот 12.04.2013

 

Белград – Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека за време на посетата на Москва оваа недела добил ветување од рускиот претседател Владимир Путин дека ќе одобри увоз на мали контингенти на возила на „Фиат“ кои се монтираат во Србија. Во случај на договор и Русија би добила целосно право под исти услови да извезува возила од руско производство во Србија, рече Дачиќ.

 

Марибор – Продажбата на мариборскиот весник „Вечер“, сопственост на медиумската компанија „Дело“, беше неуспешна поради тоа што договорениот купувач немал доволно пари. Според неофицијалните натписи во словенечките медиуми, компанијата „Медичи“ од Хамбург не успеала да собере доволно средства за купување на 79,24 отсто од уделот во мариборскиот весник. „Дело“ ќе ги продолжи разговорите за продажбата на „Вечер“ со други потенцијални купувачи, соопшти „Пивоварна Лашко“, која е сопственик на „Дело“.

Никозија – Кипар ќе мора да обезбеди големи средства за да избегне банкрот, се наведува во извештај на меѓународната „тројка“ кредитори. Според нацрт-документот на „тројката“ (ЕУ, ЕЦБ и ММФ), со реформи на кипарскиот финансиски сектор, вклучувајќи го и резот на големите банкарски депозити, зголемувањето на даноците и делумната продажба на резервите на злато од централната банка, ќе бидат обезбедени околу 13 милијарди евра. Претходно се очекуваше вкупниот придонес на Никозија во обезбедувањето средстава за избегнување банкрот да изнесува околу  седум милијарди евра.

 

Токио – Јапонскиот производител на спортска облека „Уникло“ во периодот септември 2012-февруари 2013, го зголеми својот профит за 13,2 отсто, благодарејчи на добрата продажба во странство, соопшти компанијата. Нето профитот на компанијата во наведениот период пораснал на 65,54 милијарди јени (657 милиони долари), а оперативниот профит за 5,3 отсто на 96,66 милијарди јени. Приходите истовремено се зголемени за 17 отсто на 614,84 милијарди јени.

 

Будимпешта – Потрошувачките цени во Унгарија во март пораснаа за 2,2 отсто на годишно ниво, што е најниска стапка на инфлацијата од 1974, соопшти Заводот за статистика во Будимпешта. Во соопштението се наведува дека минатиот месец инфлацијата успорила во однос на растот од 2,8 отсто во февруари, пред се поради намалувањето на цените на електричната енергија за домаќинствата од 8,1 отсто. Унгарската десничарска Влада ги принуди дистрибутерите на енергија од јануари да ги намалат малопродажните цени на гасот, струјата и греењето за 10 отсто.

 

Париз – Растот на цените на мало во Франција во март изнесуваше 0,8 отсто во однос на претходниот месец, додека годишната инфлација остана на стабилно ниво од 1 отсто, соопшти француската статистичка агенција Инсее. Во февруари инфлацијата беше 0,3 отсто. Индексот на потрошувачките цени во март исто така порасна за 0,8 отсто во однос на февруари и за 0,9 отсто во однос на истиот месец лани.

 

Каиро – Либија ќе му одобри на Египет бескаматен кредит од две милијарди долари, соопшти египетското Министерство за финансии. Договорот, кој го потпишаа двете страни  предвидува отплатата на кредитот да почне во рок од три години од неговото земање. Винистерството за финансии на Египет потенцира дека целта на тој договор е поддршка на египтетската економија, државниот буџет и девизните резерви и јакнење на позицијата на Каиро во преговорите со ММФ за кредит од 4,8 милијарди долари. Се очекува Либија да му ги префрли средствата на Египет веќе следната недела.

 

Канбера – Стапката на невработеност во Австралија во март порасна на 5,6 отсто, на нејзино највисоко ниво во последните три години, што укажува на можни шанси за намалување на каматните стапки во земјата. Австралиската  статистичка служба наведува дека стапката на невработеност пораснала за 0,2 процентни поени во однос од февруари, додека аналитичарите главно очекуваа таа да остане непроменета. – Не мислам дека централната банка ќе паничи поради ова, но секако постои можност за ново намалување на каматните стапки, изјави економистот на фирмата „Макари“, Брајан Редикан, додавајќи дека очекува слабеењето на пазарот на трудот да продолжи.

 

Њујорк – Директорката на ММФ Кристин Лагард смета дека глобалниот стопански раст оваа година ќе остане на скромно ниво, оценувајќи дека е се повидливо оти има три брзини на движење во светската економија. – Сведоци сме на еволуција на светската економија која почнува да се движи во три брзини, рече Лагард. Според неа, земјите во развој се со најголема брзина, во втората брзина се стопанства во фаза на заздравување, како САД, Шведска и Швајцарија, а со најмала брзина се државите кои се се уште во криза, како што се членките на еврозоната или Јапонија. – Благодарение на напорите на одговорните луѓе од политичките и монетарни структури на власта, актуелната економска реалност не е повеќе толку опасна како што беше пред шест месеци, рече Лагард.

 

Париз – Француските корисници на интернет послабо се опремени од своите соседи Шпанците и Британците, покажа студијата на истражувачкиот центар „Форестер“, со која биле опфатени 22.000 лица од европските земји, од кои 4.000 во Франција. Корисниците на интернет во Франција во просек поседуваат 1,6 апарати за конекција (персонални компјутери, таблети или смартфони), во однос на 1,9 во Шпанија и 1,8 во Велика Британија. Покрај тоа, 56 отсто Французи поседуваат персонални компјутери, 42 „паметни“ телефоин и седум отсто таблети. Само 13 отсто од Французите немаат ниту еден од овие апарати, додека во Шпанија и Велика Британија тоа ниво е седум отсто.

 

Берн – Врховниот суд на Швајцарија нареди на австриската банка „Уникредит“ да и исплати на Германија околу 200 милиони евра, со цел да се заврши правната борба која датира уште од падот на Берлинскиот ѕид пред повеќе од 20 години. Швајцарскиот Суд со тоа ја потврди одлуката на понискиот суд во Цирих, кој во 2010 година пресуди во корист на германската Влада, која покрена тужба против поранешната филијала на „Уникредит“ во Цирих,  АКБ, поради помагање на компании од поранешна источна Германија во проневера на средства.

 

Париз – Бројот на привремено вработените во Франција, кој се смета за показател на идното движење на вработеноста, во февруари оваа година е зголемен за 2,5 отсто во однос на претходниот месец, додека на годишно ниво е помал за 8,3 отсто, објави францускиот Центар за вработување. Бројот на привремено вработени лица во февруари, корегиран за сезонските отстапувања, изнесувал 572.000.

 

Берн – Швајцарската фармацевстка компанија „Рош“ во првото тримесечие од оваа година ги зголеми приходите за пет отсто во однос на истиот период лани, на 11,59 милијарди франци. Прометот во секторот за фармација порасна за шест отсто на 9,17 милијарди франци, пред се благодарение на зголемената продажба на лекови од областа на онкологијата. Со лансирањето на двата нови лека за канцерогени болести, „Кадсила“ во САД и „Перјета“ во Европа, „Рош“ ја потврди лидерската позиција меѓу производителите на онколошки лекови, истакна директорот на Групата, Северин Шван.

 

Атина – Грчкиот буџетски дефицит порасна за 10 отсто од БДП во 2012 година, поради државната помош на ослабените банки во износ од 8 милијарди евра, соопшти грчката агенција за статистика. Меѓутоа, грчкото Министерство за финансии оцени дека оваа поддршка на банките нема да влијае на пресметувањето на дефицитот во рамки на програмата договорена со ЕУ и ММФ и дека без тоа би била исполнета целта за дефицитот која ја поставија кредиторите. – Методологијата на Евростат тоа го пресметува во дефицит, но според условите на програмата за зајакнување на грчкото стопанство, ова не влијае на дефицитот, изјави неименуван извор од грчкото Министерство за финансии.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП