Производителот на првите ерменски таблети и паметни телефони „Technology and Science Dynamics“ (TSD) во понеделникот започна со продажбата на првиот модел смартфон ArmPhone.
Како што претходно објавија од TSD, на корисниците ќе им бидат понудени пет различни модели, кои одговараат на современите трендови и се карактеризираат со специфични својства, и тоа моделите ArmPhone 0502, ArmPhone 0505, ArmPhone 0508, ArmPhone 0509 и ArmPhone 0520. Некои модели ќе имаат и до 32 гигабајти внатрешна меморија, работат на оперативните системи Android 5.1 или Android 6.0, и ќе бидат опремени со сензори за распознавање на отпечатоците на палците на корисниците и со 4Г конекција.
„Корисниците ќе бидат пријатно изненадени од опременоста на ArmPhone со музичките композиции на познатите ерменски композитори во вид на современи ринг тонови“, порача производителот.
Претходно компанијата „Technology and Science Dynamics“ (TSD) во продажба ги пушти таблетите од моделот ArmTab TSD Wide A1004T.
Првото претставување на ArmTab и ArmPhone се одржа уште во декември 2013 година на седницата на индустрискиот совет на премиерот на Ерменија. Тогаш беше истакнато дека ерменско-американската компанија „Technology and Science Dynamics / Armtab Technologies“ има намера да почне со производството на првите ерменски мобилни уреди во почетокот на 2014 година.
Според челникот на компанијата, Ваан Шакарјан, софтверот и дизајнот на мобилните уреди се создадени во Ерменија, а склопувањето се прави во САД и Хонгконг. Шакарјан тврди дека според квалитетот овие уреди не заостануваат зад познатите брендови, а нивната цена ќе биде значително помала.