18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит вложувачите поттикнати од охрабрувачките податоци

На Волстрит вложувачите поттикнати од охрабрувачките податоци

Wall-Street

На Волстрит во четвртокот берзанските индекси благо пораснаа бидејќи вложувачите беа охрабрени од новите сигнали за закрепнувањето на американската економија по забавувањето на растот во првиот годинешен квартал.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,27 отсто, на 17.838 поени, индексот S&P 500 порасна за 0,28 проценти, на 2.105 поени, додека Nasdaq индексот скокна за 0,39 отсто, на 4.971 индексен поен.

Во седум од десетте сектори на S&P 500 индексот цените на акциите во четвртокот благо пораснаа, при што најмногу, за 1,3 отсто, порасна здравствениот сектор, и тоа седми ден по ред. Од друга страна, помалата група губитници ја предводеше енергетскиот сектор со пад за 0,3 отсто.

Цените на нафтата вчера значително осцилираа, па по веста дека Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) не постигнала договор за намалување на производството, паднаа за околу 2 отсто. Но подоцна ги надоместија сите загуби, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од податокот за падот на резервите во САД.

Поттикнувачки на пазарите влијаеше и извештајот на ADP, најголемата американска консултантска компанија за вработување, според која во мај во приватниот сектор биле отворени 173.000 нови работни места. Тоа, во една рака, е малку помалку отколку што се очекуваше., но е повеќе отколку во претходниот месец, па инвеститорите заклучија дека најголемата светска економија закрепнува по забавувањето на растот во првото тримесечје. Поради тоа и спласнаа стравувањата од последиците од можното зголемување на каматите од страна на американската централна банка уште во јуни или јули.

А се очекува дека уште подобра слика на американскиот пазар на труд во петок ќе даде извештајот на владата за вработувањата, кој ги опфаќа и приватниот и државниот сектор. Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека во мај во САД се отворени 162.000 нови работни места и дека стапката на невработеноста паднала од 5, на 4,9 отсто.

Доколку податоците бидат подобри отколку што се очекува, тоа би било сигнал дека американската централна банка може да ги зголеми каматните стапки веќе за некој месец, како што најавуваат низа нејзини челници. Но тоа би значело и дека американската економија закрепнува по забавувањето на растот во првиот квартал и дека е доволно цврсто да го издржи зголемувањето на каматите.

Доколку, пак, податоците бидат послаби од очекуваните, тоа би значело дека американската централна банка нема да брза со зголемувањето на каматите, но и дека растот на најголемата светска економија оди побавно отколку што се проценува.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП