17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежништво: капиталните инвестиции потфрлија, компаниските профити натфрлија?!

Градежништво: капиталните инвестиции потфрлија, компаниските профити натфрлија?!

lo

И градежните компании и производителите на материјали имале солидни финансиски резултати во првиот квартал – сите оствариле зголемен приход и профит. Статистиката измери раст на обемот на работа на домашниот пазар, но извештајот на Министерството за финансии покажува дека има потфрлање во реализацијата на планираните капитални инвестиции. Сепак, сите податоци посочуваат дека секторот и годинава е и ќе биде главниот столб на кој се потпираат вкупните економски активности.

Зголемени профити и приходи на „големата градежна тројка“

Трите најголеми градежни компании кои котираат на берзата прокнижиле зголемување и на приходите и на профитите. Ова го покажуваат кварталните финансиски извештаи. Во првите три месеци од 2015-та имале попозитивни биланси во однос на првите три месеци од 2015-та.

ГРАНИТ во првиот квартал од годинава имал профит од 224.878 евра што е за 10% повеќе во однос на првиот квартал лани. Приходите биле зголемени за 27% до сума од речиси 12 милиони евра.

БЕТОН Скопје во првите три месеци од годинава остварил добивка од 337.340 евра што е за 21.400 евра или за 7% повеќе од истиот период лани. Приходите биле зголемени за 10% и достигнале 8.9 милиони евра.

БЕТОН Штип имал фантастичен раст на добивката од 762%, годинава таа достигнала 333.105 евра за периодот јануари – март, а лани во истиот период била само 38.364 евра.

Производителите на материјали со позитивни биланси

И на производителите на градежни материјали годината им тргнала добро. Сите што котираат на берзата освен МЕРМЕРЕН Прилеп имаат зголемени приходи и профити.

За само три месеци Цементарницата УСЈЕ направила профит од 2.781.675 евра, зголемување од 49%. Приходите пораснале за 41% до сума од 12.9 милиони евра.

Фабриката КАРПОШ  во првиот квартал годинава заработила 460.764 евра што е за 223% повеќе од истиот период лани. Приходот бил поголем за 104%, достигнал сума од 2.432.797 евра.

АДИНГ Скопје од јануари до март 2016-та заработил 44.796 евра што е за 277% повеќе од истиот период во 2015-та. Приходите биле зголемени за 32%, достигнале 996.845 евра.

Единствено МЕРМЕРЕН комбинат Прилеп има негативно салдо во работењето. Компанијата во првиот квартал остварила загуба 178.552 евра.

Градежниците со повеќе работа дома, а помалку надвор

Финансиските извештаи на компаниите се надоврзуваат и на податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) кој покажуваат зголемен обем на работа, но само на домашниот пазар иако има месечни варијации.

Во првиот квартал годинава биле издадени 794 одобренија за градба со вкупна проценета вредност на објектите од 193.6 милиони евра.

Во март биле издадени 196 одобренија за градба со вкупна проценета вредност на објектите од речиси 47.6 милиони евра што е за 17.6% односно за 23.8% помалку од истиот месец лани. Како инвеститори кај две третини од објектите се јавуваат физички лица, а кај една третина правни субјекти.

Во февруари биле издадени 335 одобренија со вкупна проценета вредност од речиси 95.5 милиони евра што е за 48.2% односно за 228.3% повеќе од истиот месец лани.

Во јануари, пак, биле издадени 263 одобренија со вкупна вредност од нешто над 50.5 милиони евра што е повеќе за 11.4% односно за 97%.

Од друга страна на странските пазари обемот на работа бил помал. Вредноста на договорените градежни работи во првиот квартал од годинава е нешто над 41.4 милиони евра што е за 18.2% помалку од првиот квартал лани.

Во истиот период македонската градежна оператива во странство извршила работи вредни 2.4 милиони евра што е намалување од дури 66.2%.

Повеќе активности биле реализирани само во Албанија и во Германија, а во сите други држави има намалување.

Капиталните инвестиции потфрлаат

Податоците од Статистика посочуваат дека државата преку инфраструктурните проекти останува главниот работодавач за градежниот сектор.

Сепак, извештајот што го објави Министерството за финансии за буџетските приходи и расходи во првите четири месеци од годинава покажуваат дека има потфрлање кај капиталните инвестиции.

Државата од 1 јануари заклучно со 28 април прибрала 901 милион евра или 31.26% од планираното за цела година. Во истиот период потрошила 984.5 милиони или 30.85% од планираното за цела година. Владата направила минус во државниот буџет од 27% од вкупно предвидениот дефицит за годинава.

Големо потфрлање има кај капиталните инвестиции. Нивната реализација била само 16.7%. Од годишниот план кој изнесува 411 милиони и 800 илјади евра во првите четири месеци биле потрошени само 68 милиони 752 илјади евра. Под ставката градежни објекти биле прокнижени трошоци од 6 милиони и 726 илјади евра (30.68%), а под ставката други градежни објекти 27 милиони и 713 илјади (13.33%).

Лани градежништвото имаше раст од 16.8%, повторно беше главната компонента која „изѕида“ вкупно зголемување на економијата од 3.7% и остана основниот столб на кој се потпира стопанството.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП