18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКапиталните инвестиции повторно потфрлаат - анализа на државните приходи и расходи

Капиталните инвестиции повторно потфрлаат – анализа на државните приходи и расходи

mf

Капиталните инвестиции значително под, а социјалните трансфери минимално над проекциите. Ова го покажува анализата на буџетот за првите четири месеци од годинава според која вкупните приходи и расходи сепак се во рамки на планираното.

Предизборниот финансиски извештај на Министерството за финансии покажува дека од 1 јануари заклучно со 28 април државата прибрала 901 милион евра или 31.26% од планираното за цела година. Во истиот период потрошила 984.5 милиони или 30.85% од планираното за цела година. Владата направила минус во државниот буџет од 27% од вкупно предвидениот дефицит за годинава.

Државата потрошила над 984 милиони евра за четири месеци

Од 1 јануари заклучно со 28 април државата потрошила 984.5 милиони евра или 30.85% од планираното за цела година.

Големо потфрлање има кај капиталните инвестиции. Нивната реализација била само 16.7%. Од годишниот план кој изнесува 411 милиони и 800 илјади евра во првите четири месеци биле потрошени само 68 милиони 752 илјади евра. Под ставката градежни објекти биле прокнижени трошоци од 6 милиони и 726 илјади евра (30.68%), а под ставката други градежни објекти 27 милиони и 713 илјади (13.33%). За мебел биле потрошени 285 илјади евра или 12.45% од планираните пари за целата буџетска година, а за нови возила 975 илјади евра или 24.96%.

За плати и надоместоци отишле 138 милиони и 480 илјади евра или 32.7% од годишните проекции.

За стоки и услуги биле потрошени речиси 201 милион или 29.15% од проектираните. Од овие пари за дневници и патни трошоци се одлеале 3 милиони и 275 илјади евра, а за договорни услуги 150 милиони и 577 илјади.

Трансферите до единиците на локална самоуправа биле во рамки на проекциите, реализирани речиси 92 милиони евра или 33.7%.

За камати се потрошиле 25 милиони и 571 илјади евра (27%).

За субвенции и трансфери 98 милиони (41.15%) од кои како субвенции за јавните претпријатија отишле 1 милион и 761 илјада или 33.85%, а како субвенции за приватните претпријатија само 160 илјади евра или само 6.8% од планираните за цела година. Под ставката разни трансфери каде влегуваат парите за земјоделците биле потрошени 90 милиони и 694 илјади евра или 40.78%.

Социјалните бенефиции биле реализирани со 34% или нешто над 360 милиони евра, од нив нешто над 300 милиони биле директни дотации во Фондот за пензиско.

Државата прибрала 901 милион евра за четири месеци

Од 1 јануари заклучно со 28 април државата прибрала 901 милион евра или 31.26% од планираното за цела година (2 милијарди 882 милиони и 766 илјади евра)

Даночните приходи биле нешто над 800 милиони евра (32.65% од годишниот план). Од нив реализацијата на данокот на доход достигнала 35%, на придонесите за социјално осигурување 32.75%, даноците на стоки и услуги 32.53%, на царините и давачките 30.35%.

Неданочните приходи во првите четири месеци достигнале само 21% од проекциите за цела година односно 62 милиони и 680 илјади евра. Административните такси и глоби биле остварени со 27.45%, а другите неданочни приходи со само 11.5%.

Од друга страна продажбата на капитални средства била натфрлена, заклучно со 28 април биле реализирани 104% од планот за цела година. Продажбата на земјишта достигнала 15.8% од годишните проекции, а приходите од дивиденди 47.94%.

Финансискиот извештај предизборна обврска на државата

Овие податоци се содржани во Предизборниот финансиски извештај, обврска на Министерството за финансии која произлегува од Изборниот законик според која мора да се даде отчет за планираните и реализираните приходи и расходи по ставки во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот односно две недели по распишувањето на изборите кои беа закажани за 5-ти јуни.

„Реализацијата на приходите и расходите на Буџетот на Република Македонија е согласно планираната динамика и истата непречено се одвива согласно ликвидноста на Буџетот“ се тврди во Предизборниот финансиски извештај.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП