18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБанкарите одлучија – засега кредитите нема да поскапат

Банкарите одлучија – засега кредитите нема да поскапат

banka

Кредитите засега нема да поскапат. Деловните банки одлучија да ги задржат каматите на истото ниво и покрај мерките на Народната Банка (НБРМ). Високата ликвидност им овозможувала на среден рок да го издржат притисокот.

„Правиме анализи и не мислиме дека наскоро ќе ги качиме каматите на кредитите. Сепак од анализите што ги правиме ќе произлезат нашите одлуки“ вели Коста Митровски, претседател на Здружението на банкарство.

Од друга страна банките размислуваат да ги зголемат каматите за депозитите и да го направат поисплатливо штедењето во денари.

„Со тоа ќе се вратат и дел од депозитите кои беа повлечени во текот на април кога се шпекулираше со информацијата за девалвација на денарот… Веќе има тенденција на враќање на парите во банките и креирање нови депозити. Апелирам штедачите кои ги повлекле депозитите да ги вратат бидејќи парите се најсигурни во банките“ вели Митровски.

Во април штедачите повлекле 58.5 милиони евра од банките што е околу 1.6% од вкупните депозити. Ова беше резултат пред се на стравот од можна девалвација на денарот поттикнат од шпекулациите во јавноста. НБРМ интервенирала со 77 милиони евра за да ја задржи стабилноста на девизниот пазар во текот на април и во почетокот на мај.

„Опасност од девалвација немаше во ниту еден момент. Тоа беа шпекулации, но со мерките што ги преземавме сметам дека ја намаливме недовербата кај оние кои беа заведени од таквите шпекулации. Ситуацијата се нормализира, се уште побарувачката на менувачкиот пазар не е на нормални големини, но е многу блиску до нив и очекувам во наредните денови да се спушти на нормално ниво“ изјави денеска гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Засега Народната банка нема да презема нови мерки. Комитетот за монетарна политика заклучил дека монетарната поставеност е соодветна и нема потреба од дополнителни промени.

„Економските фундаменти се здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата. Притисоците на девизниот пазар и врз депозитната база на банките, во втората половина на април и на почетокот на мај, се исклучиво последица на влошените очекувања и намалената доверба на субјектите, во услови на продолжена политичка криза“ се наведува во денешното соопштение од НБРМ.

Минатата недела Народната Банка излезе со три мерки – зголемување на стапката на задолжителна резерва за обврски на банките со валутна клаузула од 20% на 50%, доведување на каматната стапка за девизните депозити што деловните банки ги имаат во централната банка од негативната зона до 0%, како и зголемување на каматата за благајничките записи од 3.25% на 4%.

„Заради натамошно поттикнување на процесот на денаризација на депозитите во домашниот банкарски систем е зголемена стапката на задолжителната резерва за обврски на банките во домашна валута со валутна клаузула… Покрај тоа, заради одржување и зголемување на депозитите во домашниот банкарски систем преиспитани и подобрени се условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во Народната банка“ стоеше меѓу другото во образложението од НБРМ.

Овие чекори беа направени поради неколку неделната паника на разрочување на денарските штедни влогови и забрзаното купување на девизи, пред се на евра поради шпекулациите за девалвација на денарот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП