Националниот авиопревозник на Турција забележа најголема загуба за квартал од 1999-та година, откако геополитичките ризици и грижи за безбедноста почнаа да вршат притисок врз директниот сообраќај во земјата, пишува „Bloomberg“.
Turkish Airlines забележа загуба од 1,24 милијарди лири (422 милиони долари) за првиот квартал во споредба со нето профит од 373 милиони лири за истиот период, една година порано. Износот ја надминува просечната оценка на аналитичарите анкетирани од „Bloomberg“, кои очекуваа загуба во износ од 1,04 милијарди лири.
Загубата е тежок удар за превозникот, откако во 2015-та година тој забележа рекордна добивка во позадина на падот на цените на нафтата, кои помогнаа за намалување на оперативните трошоци.
Војната во соседните земји на Турција, Ирак и Сирија, обновените бранови на насилство со курдските бунтовници во земјата, како и терористичките напади во Истанбул и Анкара имаат негативно влијание врз турската туристичка индустрија.
Бројот на странските туристи во Турција во март го одбележува осмиот месец по ред во кој оствари пад. Тоа е најдолгата ваква серија од 2006-та година, покажуваат владините податоци.
Акциите на „Turkish Airlines“ забележаа пад на цената од 9,1% во оваа година, додека „Borsa Instanbul 100 Index“ оствари 10% раст.