„BMW Series 1“ повеќе нема да биде најмалиот модел на баварскиот производител, пишува весникот „Motor.es“. Според информации компанијата развива хечбек, кој ќе мора да се натпреварува со „Audi A1“ и „Smart ForFour“.
Новиот модел ќе биде изграден на платформата со преден погон „UKL“ која се користи за моделите на „Mini“. На неа се изградени и два модели на баварците – „BMW Series 2 Active Tourer“ и втората генерација на кросоверот „X1“.
Се очекува најмалиот баварец да ги добие и моторите на „MINI“.Тоа се 3 и 4 цилиндарски бензински и дизел мотори, чија моќ се движи помеѓу 75 и 231 КС. Возилото треба да биде готово до есента 2017-та година, за да може да се појави пред публика на автосаемот во Франкфурт.
Покрај овој автомобил баварците подготвуваат и компактен седан, кој ќе стане дел од семејството „Series 1“. Неговите тестови започнаа уште во 2014-та година, а предсерискиот прототип – „Concept Compact Sedan“, беше прикажан една година подоцна. Седанот исто така треба да биде готов во есента 2017-та година.