Компанија БМВ во месец март ја зголеми својата предност во премиум сегментот во однос на Ауди, додека Мерцедес остана на третото место. Овој резултат пред се е постигнат првенствено од зголемувањето на побарувачката за моделите на BMW, Серија 3 и X1.
БМВ, кој е водечки производител на луксузни автомобили во светот од 2005-та година, минатиот месец продаде 159.195 автомобили, што е за 4.4 проценти повеќе отколку во истиот месец од 2012-та година.
Нивниот најголем конкурент, Ауди, лансираше 147.700 возила со што ја надминаа минатогодишната продажба за три проценти. Иако во март имаше раст од 6.5 проценти, Мерцедес остана на третото место со 139.920 продадени автомобили.
Во првиот квартал во 2013-та година од фабриката на БМВ беа продадени 381.404 автомобили што е за 11.904 возила повеќе во истиот период од Ауди. Мерцедес и во овие податоци е на третото место со 350.530 продадени единици.
Извршениот директор на БМВ, Норберт Рејтхофер изјави дека нивните погони работат со полн капацитет за да останат во чекор со побарувачката. Што се однесува на поединечните модели, продажбата на кросоверот X1 во 2013-та година од март се зголеми за дури 28 проценти во споредба со истиот период во 2012-та година, додека испораката на моделот од Серија 3 имаше скок од 20 проценти.
„ БМВ во март забележи рекордна продажба, а првиот квартал во 2013-та е најдобар во историјата и покрај неизвесноста на автомобилските пазари во Европа”, изјави шефот на продажба во БМВ, Иан Робертсон.