Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 91 -вата седница со која претседаваше Претседателот на КХВ М-р Елизабета Чингаровска им даде согласност на брокерската куќа „Фершпед Брокер” АД Скопје и на “ТТК Банка” АД Скопје – Оддел за работа со хартии од вредност да ја прошират дозволата за работење со хартии од вредност со нова услуга.
Тие ќе можат да вршат прием и пренос на налози за купување и за продавање хартии од вредност на странски пазари, со што ќе можат да се приклучат на регионалната платформа за тргување со хартии од вредност котирани на Бугарската, Загрепската и на Македонската берза. Тоа значи дека досега вкупно осум од десетте членки на Македонската берза ги исполнија условите за да учествуваат на регионалната платформа СЕЕ Линк.
На седницата, Комисијата за хартии од вредност, даде согласност Ѓорѓи Палевски да биде именуван за раководител на Дирекцијата за услуги со хартии од вредност на „Еуростандард банка” АД Скопје со мандат од пет години.
Исто така, КХВ дозволи досегашните извршни директори на Друштвото за управување со инвестициски фондови „Иново Статус” АД Скопје, Миа Стефановска Зографска и Благој Митров да добијат уште по еден мандат од четири години.