20 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААНАЛИЗА: Цени на недвижности – највисоки во скопски Центар, најниски во Ресен...

АНАЛИЗА: Цени на недвижности – највисоки во скопски Центар, најниски во Ресен и Свети Николе

adora

Најскапи се становите во Скопје, особено во општините Центар и Аердом, а најевтини во Свети Николе и во Ресен. Ова може да се заклучи од првата јавно достапна анализа на пазарот на недвижности што ја објави Агенцијата за катастар.

Скопје со просечни цени од 489 до 957 евра за квадратен метар

Во метрополата најскап квадратен метар има општина Центар, 957 евра. Веднаш зад неа е Аеродром со 956 евра, па Карпош со 895, Кисела Вода со 736, Ѓорче Петров  со 676, Гази Баба со 555, Бутел со 504 и Чаир со 489 евра просечна цена на станбената површина.

Во внатрешноста најскап е Охрид, најевтин е Ресен

Цените на становите во внатрешноста се значително поевтини во однос на метрополата. Исклучок се Охрид и Битола каде квадратот чини 725 односно 614 евра. Во Штип просекот е 474 евра, во Гевгелија 464. На дното на листата се Македонска Каменица     со 192 и Свети Николе и Ресен со по 172 евра за квадратен метар станбена површина.

Најмногу се тргува со имотите во Центар

Податоците што ги анализирал Катастарот се однесуваат на периодот од 18 март (кога беше воведен електронскиот систем) до 31 август 2015-та година. За овие речиси шест месеци биле извршени 8.993 трансакции, од нив 55% или 5.916 се купопродажби, а 45% или 3.077 се договори за закуп и наемнина.

Една третина од сите трансакции се случиле на територијата на Град Скопје. По општини, пазарот на недвижности е најраздвижен во општина Центар со 695 трансакции, потоа во Битола со 570 и Карпош со 546 трансакции. Најмал број на трансакции имало во општина Пласница, само 3 и Вевчани, само 5.

Во овој период преку продажби се истргувани недвижности со површина од вкупно 17.593.795 квадратни метри и вкупна достигната цена од 191 милион и 703 илјади евра. Под закуп, пак, се дадени недвижности со површина од 6.888.077 квадратни метри со вкупна месечна закупнина од 891 илјада и 450 евра.

Огласници: во Скопје становите најевтини во Ченто, најскапи во Центар

Податоците од анализата на Катастарот целосно се совпаѓаат со она што се нуди преку огласниците. На еден од популарните интернет сајтови за оваа намена во моментов се нудат над 10.000 станови само во Скопје.

Сепак, реалната бројка е помала бидејќи често иста недвижност се огласува и директно од сопственикот и од повеќе агенции кои ја преземаат.

Според понудата најевтини стари станови има во Ченто и Топаанско поле, а најскапи во Центар и на Водно.

opop

НБРМ: цените непроменети три години

Според анализите на Народната Банка (НБРМ) цените на становите се непроменети три години. Во последните 15 години биле највисоки кон крајот на 2008-та кога просечно квадратниот метар одел речиси 13% поскапо во однос на крајот на 2015-та.

„Недвижноста во моментов е потценета. Нејзината вредност треба да биде поголема, но таа паѓа зашто основните законитости во економијата се нарушени – понудата и побарувачката… Кај народот е создадена таква слика дека цените ќе паѓаат. Си викаат чекај нема да купуваме, тоа доста влијае на застојот и на побарувачката“ објаснува сопственик на агенција за недвижности од Скопје.

Градежниците не планираат корекции на цените

Според процените на дел од градежниците само во главниот град има меѓу 3.000 и 5.000 непродадени станови. Сепак тие не планираат да прават корекциите на цените, тврдат дека и со квадрат од 1.200 до 1.300 евра во центар и од 800 до 900 на периферијата и сега работеле на границата на профитабилност.

„Во цената на станот не влегуваат само трошоците на градба туку и трошоците за самата локација. Речиси и да нема празни парцели низ градот па најчесто мораме да откупуваме постоечки куќи за што плаќаме сериозен надоместок кон сопствениците. Тука влегуваат и давачките за комуналии, за приклучоци. Кога се ќе се собере за нас останува многу малку“ тврди сопственик на помала градежна фирма која во моментов прави два станбени објекти – едниот на Водно, другиот во Дебар Маало.

ДЗС: 58% од Македонците живеат во куќи, 42% во станови

Според анализите на Државниот завод за статистика 58% од домаќинствата живеат во индивидуални куќи, а 42% во станбени згради.

Просечната површина на домовите е 83 квадратни метри – најголеми се во југозападниот регион со речиси 100 квадрати, а најмали во вардарскиот, нешто над 73 квадрати.

Најголем дел од куќите и становите во Македонија се изградени уште во времето на Југославија (пред 1991-та). Помалку од 1% се направени во последните 5 години.

Минатата година биле издадени 3.143 одобренија за градење, од нив 1.938 за високоградба односно за станбени и деловни објекти. Најмногу одобренија по традиција се издаваат во скопскиот регион, а потоа во полошкиот и пелагонискиот.

Во Скопје најчесто се прават двособни станови (во декември лани биле издадени 198 такви одобренија), потоа трособни (181), четирисобни (82), еднособни (34) и петособни и поголеми (19).

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП