24 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗВолво ќе тестира самоуправувачки автомобили во Кина

Волво ќе тестира самоуправувачки автомобили во Кина

samvolvo 22

Светски познатиот автомобилски бренд Волво ќе направи тест возење во Кина, каде локалните жители ќе се возат во автомобили кои се самоуправуваат, најавуваат од компанијата „Волво карс“.

Очекувањата на Волво се во тестот да се вклучат најмалку 100 автомобили кои ќе возат низ разни градови во Кина. Компанијата „Волво карс“ разговара со локалните власти да се обезбедат потребните дозволи, документи и инфраструктура за да продолжи експериментот.

Со воведувањето на технологијата за автономно управување (Autonomous Driving – AD), според менаџментот на Волво, ќе се направи револуција на кинеските патишта во четири главни сегменти – безбедност, спречување на застој во сообраќајот, спречување на загаденост и заштеда на време.

„Самоуправувачкото возење значајно би придонело до поголема сигурност на патиштата. Новиот вид автомобили имаат голем број предности. Токму затоа, Владите треба што е можно побрзо да ја донесат легислативата за употребата на AD автомобилите. Автомобилската индустија не може се да направи сама. Потребна ни е Владина помош”, рече Хакан Самуелсон, претседател и главен извршен директор на Волво на семинарот одржан во Пекинг со наслов „Самоуправувачко возење – може ли Кина да го превземе водството?“.

Самуелсон ги пофали чекорите кои Кина ги направи со цел да произведе самоуправувачка технологија, но исто така, ги охрабрува да вложат поголеми напори и да ја забрзаат импементацијата на регулативите (правилата, прописите) кои би ги контролирале самоуправувачките автомобили во иднина.

Тој со задоволство ги поддржува залагањата на регулаторите и на производителите на автомобили во САД и Европа да развијат AD автомобили и инфраструктура, но исто така, охрабрува и двете страни да работат заедно и поконструктивно за да се одбегнат многубројните глобални регулации, технолошки дупликации и непотребни трошоци.

„Колку побрзо новите автомобили влезат во употреба, толку побрзо би се спасиле животите на луѓето. Она што сакаме да го нагласиме, односно нашата почетна поента е дека приватниот и јавниот сектор треба да работат заедно. Подобро е заеднички да ги оствариме нашите планови отколку да целиме кон различни насоки. AD не се однесува само за автомобилската технологија“, вели Самуелсон.

Независни истражувања покажуваат дека AD автомобилите придонесуваат до значајно намалување на бројот на сообраќајни несреќи. Дури 90% од сообраќајните несреќи се резултат на грешки направени од страна на возачите, нешто што во случајот со AD автомобилите не би се случило. Од аспект на сообраќајниот застој, овие автомобили овозможуваат сообраќајот да се одвива посмирено, намалувајќи го сообраќајниот метеж и на тој начин, да ги спречат штетните гасови. Најпосле, намалениот сообраќаен метеж го заштедува времето на возачите.

Оваа шведска компанија, чие име е синоним за автомобилска безбедност, од моментот кога го создаде заштитниот појас во 1959 година, е пионер во развојот на автомобилската безбедносна опрема и ветува дека никој не би бил сериозно повреден во новите модели на Волво до 2020 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП