Модата на купе-кросовери не ја одмина и британската „Jaguar Land Rover“ (JLR), која веќе започна со развој на сличен модел. Тој ќе мора да се бори за клиенти со „BMW X6“, објави „Autocar“.
Во моментов развојот на спортскиот теренец го носи називот „L560“, но сериската верзија ќе излезе на пазарот под името „Range Rover Sport Coupe“. Моделот ќе биде изграден на шасијата на „Jaguar F-Pace“ и ќе добие алуминиумска каросерија. Тој ќе се разликува од другите модели во гамата по силуетата со долга хауба и заострениот заден дел.
Должината на возилото ќе биде околу 4,7 метри, на тој начин тој ќе заземе место меѓу моделите „Evoque“ и „Range Rover Sport“ во палетата на брендот. Според димензиите тој ќе е горе-долу како „BMW X4“ (неговата должина е 4,6 метри), но со цената од 85.000 долари за основната опција, ќе се натпреварува со поголемите „BMW X6“ и „Mercedes-Benz GLE Coupe“.
Во палетата на мотори на „Range Rover Sport Coupe“ ќе влезат бензински и дизел мотори со 6 и 8 цилиндри. Не се очекува користење на 4-цилиндрични агрегати од семејството „Ingenium“ кои влегуваат во палетата на „Jaguar F-Pace“.
Предвидена е и хибридна варијанта, во чија основа ќе биде 3,0-литарски бензински „V6“ со 340 КС. Во подоцнежна фаза ќе излезе и целосно електрична верзија.
Производство на купе-кросоверот е предвидено за 2018-та година, кога треба да биде отворена фабриката на „JLR“ во Нитра (Словачка).