11 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКонечни податоци: македонската економија лани пораснала за 3.55%

Конечни податоци: македонската економија лани пораснала за 3.55%

mak

Економијата се зголемила за 3.55% минатата година. Најновите податоци на државната статистика покажуваат раст на Бруто – домашниот производ (БДП) од 3.9% во четвртиот квартал од 2015-та. Ова се надоврзува на зголемувањето од 3.5%, 3.3% и 3.5% во првиот, вториот и третиот квартал.

Бруто – домашниот производ на Македонија односно вкупниот збир на вредноста на сите стоки и услуги кои биле создадени во земјава во 2015-та е 8 милијарди и 860 милиони евра или 4.282 евра по глава на жител.

Градежништвото повторно главен двигател на економијата

Во периодот октомври – декември лани најголем раст остварило градежништвото од 33.7%, финансиските и осигурителните дејности од 14.9%, стручните и научните дејности од 14.3%, трговијата од 8.5%, информациите и комуникациите од 3.6%, рударството од 1.9%, земјоделството и преработувачката индустрија од по 1.2%. Намалување од 22.1% имало во секторот уметност, забава, рекреација и други услужни дејности, како и од 3.7% во јавна управа и одбрана.

Бизнисмените се оптимисти, велат растот ќе продолжи и во 2016-та со солидно темпо.

„Намалувањето на невработеноста и зголемувањето на економијата е позитивен тренд, очекуваме да продолжи пред се поради активностите на домашните компании и уште поголемата соработка со странските инвеститори, како и поради веќе најавените нови странски инвеститори“,вели Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори (ССК).

НБРМ: економијата расте со солидно темпо

Податоците на Државната статистика ги потврдија проекциите на Народната Банка. Во најновиот заклучок на Комитетот за монетарна политика стои дека економијата расте со солидно темпо и дека е можно натфрлање на првичните проекции.

„ Во реалниот сектор и понатаму се задржуваат поволните трендови. Најновите расположливи показатели упатуваат на веројатно задржување на солидното темпо и во четвртиот квартал при поволни движења регистрирани во главните економски сектори. Ефектите поврзани со домашните политички случувања се ограничени“, стои меѓу другото во заклучокот што го усвои НБРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП