18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДЗС: трошоците на живот непроменети, ССМ: 32.000 денари да се протурка месецот

ДЗС: трошоците на живот непроменети, ССМ: 32.000 денари да се протурка месецот

kosnica

Трошоците на живот останале непроменети за една година. Државниот завод за статистика (ДЗС) пресметал во февруари 2016-та во однос на истиот месец од 2015-та храната и соковите биле поевтини за 0.7%, сметките за домување за 1%, а трошоците за транспорт и комуникации за 2.2 односно 3%. Истовремено поскапеле алкохолот и цигарите за 3.4%, облеката за 1.6%, мебелот за 4.3%. Кога се ќе се собере, поскапеното и поевтиното, се доаѓа до нула односно до непроменети вкупни трошоци на живот.

Храната поевтина за 0.7%, цигарите поскапи за 5%

Збирно храната поевтинила за 0.7%. Сепак, цените на некои производи оделе нагоре, а на други надолу. Најмногу поскапело маслото, за 7.7%. Шеќерот, чоколадите и другите благи работи, за 6.1%. Кафето, чајот и какаото, за 1.7%. Најмногу поевтиниле зеленчукот за 5.8%, месото за 2.4%, овошјето за 1.1% и соковите за 0.3%. Цените на млекото и млечните производи останале исти.

Жестоките пијалаци поскапеле за 1.1%, виното за 1.4%, а пивото поевтинило за 1%. Цените на цигарите во просек пораснале за 5%.

Како изгледа просечната трпеза на Македонецот?

Најмногу леб и зеленчук, најмалку месо и риба. Вака изгледа трпезата во Македонија. Државната Статистика пресметала дека просечно еден човек на ден консумира по 200 грама леб и уште 130 грама други житарки, речиси 300 грама зеленчук и 125 грама овошје. Потрошувачката на месо и сувомеснато е 100 грама, на риба 15 грама, на млеко и преработки 100 грама, а по едно јајце во просек се јаде секој втор ден.

Статистичарите пресметале и дека дневно еден Македонец јаде по 20 грама чоколади и кекси, а пие по 150 милилитри сокови. Не се троши ни многу алкохол – просечно по 2 милилитри жестоки пијалаци, 5 вино и речиси 20 милилитри пиво.

Потрошувачката на цигари oпаѓа постојано– пред три години еден Македонец во просек пушел по 2.4 на ден, а лани по 2.

Овие податоци се од деталната анализа на потрошувачката на домаќинствата за 2014-та на Државниот завод за статистика, документ кој се објавува еднаш во годината. За 2015-та се уште не е подготвен.

На едно семејство му требаат 32.000 денари да го протурка месецот

Иако прави анализи на трошоците на живот, ДЗС веќе четири години не ја пресметува месечната потрошувачка кошничка.

„Престанавме да ја пресметуваме бидејќи погрешно се толкуваше. Нашата методологија не покажуваше колку едно домаќинство треба да троши туку колку растот на цените на храната и на пијалаците влијае на семејниот буџет“, изјавија неодамна од Државниот завод за статистика.

Единствено Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) прави вакви пресметки. Нивната минимална синдикална кошница поевтинела за 5 денари за една година. Според пресметката на просечно домаќинство во декември 2015-та му биле потребни 32.233 денари за да го протурка месецот, а во декември 2014-та 32.238 денари.

Најголем дел од овие пари, 13.374 денари или 41% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.422 денари или 32%, за хигиена 2.223 денари или 6.9%, за превоз 2.339 денари или 7,26%, за облека и обувки 2.126 или 6.6%, за култура останувале 1.070 денари или 3.3%, а за здравство 677 денари или 2.1%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП