Помалку од половина граѓани ја завршиле законската обврска и пријавиле данок на една недела пред крајниот рок. Управата за јавни приходи (УЈП) пресметала дека годинава треба да добие 430.000 пријави, а досега биле доставени само околу 184.000.
Сега процедурата се завршува за помалку од пет минути, но со секој нареден ден метежот расте. Веќе е традиција на крајниот рок, 15-ти март, да настане вистинска мешаница кога илјадници луѓе буквално „во 5 до 12“ ќе поитаат на шалтерите на УЈП.
„Од ден на ден овде во контакт центарот бројот на поднесени годишни даночни пријави расте. Во просек на ден добиваме по 200 до 300. Минатата година во последните пред истекот на рокот овде во Градскиот трговски центар доаѓаа и по 10.000 обврзници на ден“, вели Михаило Михаилов, раководителот на контактниот центар на УЈП во Градскиот трговски центар во Скопје.
Даночни пријави се примаат во сите канцеларии на УЈП, но и на интернет
Пријавите можат да се достават до сите подрачни канцеларии на УЈП, а на граѓаните на располагање им стои и мобилниот даночен шалтер кој овој месец ќе биде распределен во 10 населени места.
Според распоредот објавен на веб страната на УЈП, на 1 март мобилниот даночен шалтер на 7 март ќе биде во Желино, на 8 во Теарце, на 9 во Пласница и Чашка, на 10 во Лозово, на 11 во Ѓорче Петров, на 15 во Зелениково, Центар Жупа и Зрновци и на 24 март во Лозово.
Пред општинските згради во наведените општини даночниците ќе бидат од 10 до 15 часот, со цел да им излезат во пресрет на граѓаните и фирмите. Граѓаните ќе можат да добијат даночни услуги, совети, да поднесат даночни пријави и други барања.
Со три специјално опремени комбиња, даночниците секој месец посетуваат населени места каде немаат постојани канцеларии.
Опцијата за пријавување данок преку интернет многу малку се користи. Помалку од 1.000 пријави пристигнале по електронски пат, информираат од УЈП.
Доколку сакате да го избегнете метежот пријавата можете да ја испратите и по пошта.
Кој има обврска да пријави данок?
Обврска за поднесување на годишна даночна пријава имаат сите граѓани кои освен плата имаат дополнителни приходи од авторски права, договори на дело, кирии, бонуси, игри на среќа, дивиденди, приходи остварени преку интернет, но и кои добиле К-15 односно регрес за годишен одмор.
Граѓаните кои оствариле дополнителни приходи, а нема да достават даночни пријави се соочуваат со казни од 500 до 1.000 евра.
Корисни совети при пополнување на даночната пријава
- Годишната даночна пријава е бесплатна и можете да ја преземете од веб страницата на УЈП (http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/21).
- Во Пријавата е овозможен компјутерски внес на податоците во бараните полиња. Откако ќе ги пополните отпечатете ја во 2 примерока.
- Следете го упатството за пополнување кое е составен дел на Годишната даночна пријава.
- Доколку имате проблеми јавете се на бесплатниот број 0800 33 000 во контакт центарот на УЈП.
К. Н.