20 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИТТК Банка со позитивни финансиски резултати за 2015 година

ТТК Банка со позитивни финансиски резултати за 2015 година

ttt

ТТК Банка АД Скопје во 2015 година дејствуваше во насока на остварување на своите приоритетни цели и задачи дефинирани во Деловната политика и Финансискиот план на Банката, при што во текот на периодот го прилагодуваше своето работење на тековните економски и пазарни услови на стопанисување.

Банката во периодот од 1.1. до 31.12.2015 година оствари позитивен финансиски резултат во износ од 38,1 милиони денари и истиот е за 27,0% повисок во однос на остварениот финансиски резултат минатата година. Преку зголемените приходи од провизии и останатите приходи од дејноста, Банката успеа да генерира повисок оперативен приход за 8,7 % во однос на истиот период минататa година. На позитивниот финансиски резултат влијание има одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио во текот на годината, како и зголемената наплата на побарувањата, поради што износот на издвоените исправки на вредност на финансиски средства во однос на истиот период минатата година е намален.

Известување за промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Во 2015 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување на ставките во финансиските извештаи споредено со последните ревидирани финансиски извештаи за 2014 година.

Финансиски остварувања на Банката

Нето-приходите од камати на крајот на декември 2015 година изнесуваат 268,5 милиони денари и бележат пад за 8,4% во однос на истиот период минатата година. Причина за тоа во најголем дел е послабата кредитна динамика кај секторот стопанство во споредба со минатата година, но и како резултат од пониската наплата на претходно отпишаните побарувања по основ на камати. Планираните нето-приходи од камати се остварени со 88,7%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во анализираниот период изнесуваат 156,3 милиони денари и бележат годишна стапка на раст од 23,7%, која во најголем дел потекнува од кредитните активности на сегментот стопанство, како и од зголемениот обем на активности во домашниот платен промет. Планираните нето-приходи од провизии се остварени со 98,2%.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 10,7 милиони денари и во однос на минатата година бележат зголемување за 10,0%. Остварувањето на планот изнесува 103,8%.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 74,2 милиони денари и во однос на минатата година се повисоки за 35,9 мил.МКД или 93,9% како резултат на реализирани капитални добивки од продажба на основни средства и преземен имот. Степенот на исполнување на планот е 65,1%.

Вкупните оперативни трошоци на крајот на декември 2015 година изнесуваат 362,6 милиони денари и, споредено со истиот период минатата година, се повисоки за 11,7%. Зголемувањето главно произлегува од трошоците за судски решенија кои влијаат на зголемување на позицијата материјални останати и административни трошоци,

Во согласност со Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, заклучно со месец декември 2015 година, евидентирана е загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 70,8 милиони денари, што е за 3,2% повисоко оштетување во однос на минатата година.

Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува 33,6 милиони денари и истите се пониски за 20,3% во однос на минатата година, што укажува на висока претпазливост при преземање на кредитниот ризик што Банката континуирано ја спроведува при нејзиното работење. Издвоените исправки на вредност во споменатиот период соодветствуваат со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.

Исплатени дивиденди

На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје, одржана на 28.4.2015 година, беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивидендата, со која се исплати дивиденда за 2014 година во бруто-износ од 14.122.688 денари или висината на бруто-дивидендата по акција изнесуваше 15,55554 денари, односно 1,555554% од номиналната вредност по акција.

Очекувања за претстојниот период

Банката во наредниот период ќе биде насочена кон обезбедување стабилно и профитабилно оперативно работење. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде на ниво на планираниот раст на БДП, преку зголемување на уделот на работа со населението во вкупните активности на Банката и задржување на фокусот за работа со мали и средни претпријатија. Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминатно учество во вкупните извори на средства. Во текот на 2016 година Банката ќе продолжи со преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и активности поврзани со продажба на преземениот имот, кои би влијаеле позитивно на финансискиот резултат на Банката.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП