Групата „Битлси“ секоја година придонесува за дополнителни 82 милиони фунти во економијата на Ливерпул (над 118 милиони долари) родниот град на „Четворката“, пренесува „BBC“.
Ова го покажува новото истражување, според кое приходите од групата ќе се зголемуваат во иднина. Покрај приходите, туристичкиот интерес и наследството на групата се причина и за близу 2.335 работни места.
Според податоците на истражувањето нарачано од Градскиот совет и исполнет од двата универзитети во градот, економијата, поврзана со групата, расте за 15% секоја година. Во исто време креативноста на „Битлси“ станува популарна во земји, како Бразил и Кина, заедно со веќе утврдените места со фанови, како Европа и САД.
Ливерпулската четворка се распадна пред 46 години, а нејзините единствени живи членови се Пол Макартни и Ринго Стар.
Според еден од авторите на студијата, Ливерпул треба да ги „задржи стандардите“, за да се стимулира туризмот.
„Сите знаат дека „Битлси“ имаат големо влијание врз минатото на градот, но сега веќе знаеме точно што е тоа и што можеме да направиме за да се обезбеди нивното влијание и врз иднината на градот“, изјави градоначалникот на Ливерпул Џо Андерсон по повод студијата.