15 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПриходите на Pfizer се зголемија за 7%

Приходите на Pfizer се зголемија за 7%

pizer22

Американската фармацевтска компанија „Pfizer“, која е во процес на купување на производителот на „Botox“, „Allergan“, за сума од 160 милијарди долари, забележа подобри од очекуваните приходи за кварталот што измина, поддржани од побарувачката на вакцината против пневмонија и стекнувањето на „Hospira“, соопштува „Ројтерс“.

Компанијата сепак претстави предвидувања за годишните приходи и профитот под оценките на аналитичарите, повикувајќи се на конкуренцијата од генерички лекови и силниот долар.

Приходите пораснаа за 7% до 14,05 милијарди долари во четвртиот квартал, што е доста над средната оценка на аналитичарите за 13,56 милијарди долари, наведува „Thomson Reuters“.

Нето добивката сепак е намалена до 623 милиони долари, или 10 центи по акција, од 1,23 милијарди долари, или 19 центи по акција, во споредба со истиот период лани.

По корекции компанијата предвиде добивка од 53 центи по акција, што е за малку над просечната оценка на аналитичарите од 52 центи.

Минатата година компанијата го договори купувањето на „Allergan“ во договор со кој сериозно ќе ја намали нејзината даночна стапка. Договорот, со кој ќе се пресели седиштето на „Pfizer“ во Даблин, би требало да заврши во втората половина на 2016-та година.

Од „Pfizer“ рекоа дека очекуваат приходи меѓу 49 и 51 милијарди долари за 2016-та година и приспособен профит од 2,20-2,30 долари по акција.

Во просек аналитичарите очекуваа приходи од 52,40 милијарди долари и добивка од 2,36 долари по акција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП