Јапонска Тојота ја задржа титулата за најголем светски производител на автомобили, откако објави дека лани продала 10,5 милиони возила, повеќе од германски Фолксваген и американски Џенерал моторс.
Фолксваген порано објави дека во 2015 година продал 9,93 милиони возила, додека Шевролет и Кадилак на производителот Џенерал моторс, стигнале до 9,8 милиони продадени возила.
Во првата половина на минатата година, Фолксваген благодарејќи меѓу другото и на јакнењето на германската економија, ја презема водечката позиција на најголем светски производител на автомобили, надминувајќи ја Тојота според продажбата. Но, во последните месеци од минатата година продажбата на Фолксваген падна заради скандалот во врска со мамењето на еко тестовите.
Тојота во 2008 година го прекина долгогодишното владеење на Џенерал моторс на листата на најголеми светски производители на автомобили, но таа позиција ја загуби пред три години подоцна кога заради разорниот земјотрес и цунамито во Јапонија беше прекинато редовното производство на авто делови, што негативно влијаеше врз продажбата на Тојота. Но, Тојота својот американски ривал повторно го претекна во 2012 година и од тогаш постојано е на врвот.