Падот на цената на нафтата го достигна тринаесетгодишниот рекорд на светскиот пазар, а цената за еден барел падна и до 28 долари.
И додека крајните потрошувачи во изминативе месеци многу заштедија благодарејќи на падот на цената, аналитичарите шпекулираат дека најголема добивка од падот на цената на нафтата има еврозоната.
Иако цената на акциите во Европа се во пад, ниската цена на нафтата е голем поттик за економијата во еврозоната.
„Како најголеми увозници на нафта, европските земји имаат голема корист од падот на цената. Тоа во овој момент е голем бонус за економијата. Станува збор за скриен пулс за економијата“, истакнува Нилс Андерсен, директор на компанијата „Maersk Group“, една од најголемите транспортни компании во Европа.
Тој истакна дека економијата во еврозоната расте и покрај тоа што нема големи структурни промени во некои држави.
Иако земјите од „OPEC“ го намалија производството на нафта, САД и Ирак го зголемија производството, што се смета за една од главните причини за падот на цената. Од друга страна, на овој пад значајно влијаеше и падот на побарувачката, најмногу поради тоа што кинеската економија неочекувано забави.
„Денес ние сме во средина на еден светски шок кога станува збор за цената на нафтата. Со цел нешто да се промени мора да дојде до намалување на производството. Но исто така силниот раст на економијата може да доведе до зголемена побарувачка и стабилизација на цената“, заклучи Андерсен.