26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Фурна Диме“ прослави 30 години постоење

„Фурна Диме“ прослави 30 години постоење

furna dime 3353

„Фурна Диме“ – единствениот македонски производител на леб и пекарски производи со целосно заокружено сопствено производство „од нива до трпеза“, го прослави својот три децениски јубилеј.

За 30 години, компанијата која го носи името на својот основач, од мала семејна фурна, благодарение на обемните вложувања, прерасна во современ индустриски капацитет со 100% домашен капитал, во чиј состав се наоѓаат: пекарница со површина од 6000 м², во која со најсовремена технологија дневно се произведуваат и до 20 илјади парчиња леб; сопствена мелница за брашно која може да сомеле и до 36 тона жито во едно деноноќие; погон за производство на слатки и свежи колачи, како и најсовремено опремена лабораторија за проверка на квалитетот на житото, брашното и пекарските производи.

Во составот на компанијата се наоѓаат и две земјоделски стопанства во Светиниколско и Кумановско, што и овозможуваат сопствено производство на квалитетна домашна пченица и семенски материјал на вкупно 1700 хектари, како и силоси за складирање на пченица со капацитет од 5000 тони.

Сопственото производство на пченица, како и производните капацитети за складирање, производството на брашно и на готови пекарски производи ѝ даваат уникатна вредност на компанијата, овозможувајќи ѝ да обезбеди целосна контрола и гаранција на квалитетот на своите производи, што е од особена важност за потрошувачите.

„Не е лесно да се изоди патот од нива до трпеза. Не е лесно од маалска фурна да се изгради фабрика од 6 000 м2 и од грст пченица да се ожнеат 4000 тони жито. Од семеен бизнис со тројца вработени да се направи индустрија која обезбедува егзистенција за 170 семејства на мајстори – пекари, бурекџии, слаткари, трактористи, технолози, агрономи, електроинженери, економисти  и правници“, изјави сопственикот на „Фурна Диме“ – Илија Павличковски, нагласувајќи дека компанијата каква што е денеска е изградена благодарение на почитување на семејната традиција и квалитетот, но и на огромното залагање и поддршка од вработените и нивната желба за успех и посветеност.

Благодарение на сите овие фактори кои гарантираат висок квалитетет, „Фурна Диме“ успеа, за три децении да прерасне во препознатлив пекарски бренд на пазарот. За сега, компанијата ги дистрибуира своите производи во над 600 продажни места во Скопје, Велес и Тетово. Развојните планови на компанијата вклучуваат натамошно проширување на производството и пласманот, што секако ќе значи и зголемување на сопствените производни капацитети.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП