„Audi“ официјално објави дека во оваа 2016-та година има намера да пушти на пазарот целосно нов модел – „Q2“. Малиот кросовер на компанијата од Инголштат ќе се појави пред публика на автосаемот во Женева во март.
Други детали за возилото не беа обелоденети, но се знае дека тоа ќе ја користи модуларната платформа „MQB“, која е во основата на последната генерација на семејството „Audi A3“. Дизајнот на моделот пак ќе биде позајмена од концептот „Audi crossline coupe“ (на сликите) прикажан во 2012-та година.
Машината ќе биде опремена со 3-цилиндарски и 4-цилиндрски бензински и дизел мотори. Ќе има и хибридна модификација со можност за полнење од електрична мрежа. Во стандардната варијанта, кросоверот ќе биде со преден погон, а системот „Quattro“ ќе се нуди како опција.
Очекувањата се цените на „Audi Q2“ да стартуваат од 25.000 евра. Речиси истовремено со него во палетата на брендот ќе се појават и две спортски модификации – „SQ1“ со 231 КС и „RS Q1“ со 300 КС.
Од компанијата го потврдија и претстојното излегување на новата генерација на „Audi Q5“. Моделот ќе добие нов дизајн и ќе биде изграден на нова платформа – „MLB Evo“. Теренецот ќе се потпира на 2.0-литарски бензински и дизел мотори со моќност од 150 до 250 КС, како и 3.0-литарски дизел „V6“ со 272 КС. Се очекува овој модел да има и хибридна модификација.