27 јуни, 2024
ПочетнаНАЈНОВИ ВЕСТИМалиот „ѕвер“ на Sony ги надмина очекувањата (фото+видео)

Малиот „ѕвер“ на Sony ги надмина очекувањата (фото+видео)

mali soni 4

Фотоапаратот Sony Cyber-shot DSC-HX90V, на кратко кажано, е силна машина во мало пакување која може да ги задоволи вкусовите и на најпробирливите љубители на аматерската фотографија кои тежат да направат професионална снимка, било фото, било видео. Кога би се занемариле неколкуте мали недостатоци, овој мал модел може сериозно да им се замеша во работата и на големите професионалци.

mali soni

Оптика, зум, фокусирање, екран, ракување

Моделот има исклучително квалитетна оптика со ZEISS® Vario-Sonnar T* 30x zoom леќите, збогатена со моќниот Exmor RTM CMOS сензор со 18.2 мега-пиксели, што за љубителите на модерната автоматика е еден од главните адути на Сони кај овој фотоапарат. За традиционалистите, пак, тука се „скокачкиот“ OLED визир и контролниот прстен на објективот за рачно зумирање и фокусирање, кој, иако потсетува на класичните фотоапарати од едно одамна поминато време, дава неверојатни резултати и повеќе од одлична контрола при ракувањето. Можеби најинтересниот момент е што прстенот овозможува целосно рачно подесување при фотографирањето, а не е само дополнителна опција. За таа контрола при фотографирањето, а особено онаа физичката, е задолжен новодизајнираниот ергономски ракофат, удобен во разни ситуации. За мега-популарните селфи фотографии, но и за снимки од нестандардни агли и перспективи, има LCD екран кој се навалува за цели 180 степени.

mali soni 2

Стабилизација, чистина, острина

DSC-HX90V има 5-оскина стабилизација на сликата што штити од т.н. заматување на фотографијата и при долга експозиција и при големи зумирања. Чистото приближување на сниманиот објект е дело на 30х оптичкиот зум, кој успешно е спакуван во малите димензии на овој модел. Тука на сцена стапуваат оптичкиот SteadyShot и 5-оскината стабилизација за да се погрижат дополнително за острината на Full HD снимките, па пикселизацијата и малите изобличувања при зум до максимални граници се речиси занемарливи, но сепак присутни.

Брз зум, прецизен интелигентен фокус, моќен процесор

Напредниот BIONZ X процесор на сликата овозможува фотографии и Full HD снимки со мошне живи, богати и реалистични бои. Висока оцена за квалитетот на фотографијата или видеото се добива и кога се снимаат и поситни детали или памалку осветлени места, за што е заслужен Exmor R CMOS сензорот со 18.2 ефективни мега-пиксели. Овој број мега-пиксели е сосема доволен и за професионалци. Сепак, не очекувајте максимална острина на снименото кога ќе решите да „поработите“ во речиси темни простории или во облачни ноќи.

mali soni 1

OLED Tru-Finder за прецизност, LCD за добар преглед

OLED Tru-Finder прецизниот електронски визир, вграден во овој модел, може да се најде уште само кај неговиот „брат“ – моделот HX90.

Тоа што сте го снимиле, можете да го прегледате во изворна форма на LCD мониторот од типот 3.0, со резолуција од 921.000 точки (според спецификацијата), е сосема доволен за да си ги дообработите фотографиите. За тоа, пак, мошне се згодни вградените функции Photo Creativity и Beauty Effect.

Брз и интелигентен авто-фокус во движење, многу повеќе од добро видео

За оние кои се во постојано движење, а не сакаат да пропуштат ништо, тука е Fast Intelligent Auto Fokus. Значително подобрениот просторен алгоритам за откривање предмети се должи на повеќе оптимални и прецизни леќи кои авто-фокусот го прават побрз, а фотографирањето во движење полесни и попрецизно. Full HD 60p/50p снимањето со помош на XAVC S формат на 50Mbps прави атрактивно и квалитетно видео, без шум во снимката, дури и кога ги снимате вашите деца додека трчаат низ дворот. P/A/S/M функциите се тука за дополнителна контрола при снимањето, а Intelligent Active Mode со 5-оскината стабилизација ја смирува сликата кога со фотоапаратот в рака го следите додека се движи она што го снимате.

mali soni 3

Многу џиџиња (додатоци) за уште повеќе уживање

Наспроти вградениот блиц, кој, патем, беспрекорно си ја врши функцијата, а кој е најкласичното нешто на овој модел, има цел куп технички детали кои снимањето со овој фотоапарат го прават уживање. Прво, тука е Wi-Fi со NFC за One-touch безжичен пренос на фотографии и снимки од фотоапаратот на таблет или на смартфон. Потоа, GPS-от, кој автоматски ги означува снимките со податоци за локацијата, за подоцнежно уживање со системот PlayMemories Home. Тука е и инфрацрвеното светло кое автоматски се вклучува за фокусирање во мрак. Уживањето би било уште поголемо кога моделот би имал дополнителен адаптер за полнење на батеријата, а не негово директно „врзување“ за штекер.

Се на се, како конечна оценка за овој модел може да се каже дека добивате одлична камера, лесна за в џеб, практична в рака и квалитетна при работа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП