Во договор вреден 1,23 милијарди евра, Грција ќе отстапи 14 регионални аеродроми на период од 40 години, пренесуваат грчките медиуми. Германската компанија Фрапорт и грчкиот партнер Копелузос груп соопштиле дека договорот ќе стапи на сила наесен следната година, кога ќе биде исплатена договорената цена.
Отстапувањето на аеродромите, меѓу кои се и оние на најатрактивните острови во Егејското море, е клучен дел од договорот за новиот пакет на финансиска помош, кој грчката владата го потпиша со европските кредитори кон средината на оваа година.
Со договорот е предвидено конзорциумот на почеток да плаќа годишна концесија од 22,9 милион евра и до 2020-та година во инфраструктурата да вложи 330 милиони евра. Грчката влада со овој договор ги изнајмила аеродромите во Солун, Миконос, Санторини, Родос, Крф, Закинтос, Кефалинија, Кос, Лезбос, Скијатос, Самос, Ханија, Кавала и Акти.