Брисел подготвува механизам што би можел целосно да го прекине увозот на стоки ако Пекинг продолжи да го задушува европскиот пазар, а кинескиот амбасадор најави жесток одговор.
Европската унија подготвува моќен нов инструмент за заштита на пазарот, наречен „kill-switch“, кој би можел да го прекине пристапот на Кина до европскиот пазар во случај на сериозни нарушувања предизвикани од агресивни трговски практики.
Амбасадорот на Кина во ЕУ, Каи Рун, се закани со контрамерки во четвртокот ако Брисел усвои еднострани ограничувања против кинеските интереси.
„Кина се спротивставува на политизацијата на економските и трговските прашања, преголемото проширување на концептот на безбедност и прибегнувањето кон едностран притисок или притисок до крајни граници“, рече Каи Рун. Тој додаде: „Доколку европската страна инсистира на усвојување рестриктивни и дискриминаторски мерки против Кина, Кина ќе мора да преземе контрамерки за цврсто да ги заштити своите интереси“.
Европската унија во моментов има рекорден трговски дефицит со Кина од 1 милијарда евра дневно, додека увозот на евтина кинеска стока скокна за 25 проценти во изминатата година, според податоците на кинеската царина. Затоа лидерите на ЕУ во октомври ја задолжија Европската комисија да дизајнира механизам што може брзо да се активира против земјите чии политички или економски потези имаат сериозно влијание врз европскиот пазар.
Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, во среда им рече на европратениците дека новиот инструмент треба да биде презентиран до крајот на годината. Според него, алатката ќе ѝ овозможи на ЕУ „да реагира многу побрзо, дури и со ограничување на извозот во Европската Унија“, таргетирајќи ги „земјите што се однесуваат неправедно кон нас [ЕУ] или им штетат на европските интереси“. Иако механизмот е формално неутрален кон поединечните земји, тој директно влијае на кинеските интереси, кои во голема мера се потпираат на 450-те милиони потрошувачи во Европа за да го продадат своето вишок производство.
Иницијативата за воведување на овој механизам беше покрената на почетокот на октомври од Франција и Германија, бидејќи сите членки на ЕУ се соочуваат со трговски дефицит со Пекинг, при што кинескиот увоз ги загрозува цели индустриски сектори. Француско-германскиот потег дојде во средината на преговорите меѓу Брисел и Пекинг што започнаа во јуни со цел балансирање на трговските односи и кратко пред договорот од 9 октомври за намалување на кинескиот увоз на хибридни автомобили во ЕУ.
Разговорите на техничко ниво во меѓувреме продолжија, а европската страна се надева на слични договори во другите гранки на економијата. Нова средба меѓу Шефчович и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао е закажана за март 2027 година..
Поради неодржливиот притисок врз европските производители, лидерите на ЕУ побараа од Комисијата да воведе мерки, вклучително и тарифи и квоти, за увоз на кинески производи во хемиската индустрија и машинскиот сектор. Шефчович постојано нагласуваше дека прашањето за трговијата со Кина стана политичко во Европа бидејќи илјадници работни места се во опасност, а очекувањата на граѓаните на ЕУ се исклучително високи.
И покрај преговорите, Европската комисија продолжи да воведува дополнителни тарифи за поединечни кинески производи откако истрагите покажаа дека локалните производители користат нефер цени и субвенции од кинеската држава.
Ова не е прв пат Пекинг да му се заканува на Брисел со контрамерки. Слични закани се упатени и во врска со Законот за индустриски акцелератор, закон за кој преговараат европските институции, а кој, без директно да го именува Пекинг, има за цел да го ограничи пристапот до јавни набавки во ЕУ и да наметне строги услови за странски инвестиции на европскиот пазар.